Џонсон открива: Германија беше за брз пораз на Украина, Франција воопшто не веруваше дека ќе има напад

Фото: Архива

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон за првпат пред јавноста сподели досега непознати детали за тоа како некои од европските лидери реагирале на руската инвазија на Украина. Според Џонсон, Германија била за брз пораз на Украина, а Франција не верувала дека нападот ќе се случи сѐ до моментот кога руските војници ја преминале границата.

Како што изјави Џонсон за „Си-Ен-Ен“, пред нападот врз Украина кој започна на 24 февруари, имало различни ставови за тензиитете меѓу двете завојувани страни. Тој ги издвои оние на трите најистакнати членки на ЕУ.

„Германската позиција во една фаза беше дека ако тоа се случи, што би било катастрофа, тогаш би било подобро работата да се заврши брзо и Украина да се откаже. Сметав дека тоа е катастрофален начин на гледање на работите. Но, можам да разберам зошто тие размислуваа така“, рече Џонсон.

Во однос на Франција, Џонсон рече дека воопшто не треба да има сомневање дека Французите и не верувале дека воопшто ќе има напад, сѐ до последниот момент. Францускиот претседател Емануел Макрон беше критикуван за неговото справување со кризата, а го посети Кремљ само неколку недели пред руската инвазија на Украина.

Прочитајте и:  Павел: Нема мир во Украина без Русија и Кина на преговарачката маса

Во врска со Италија, италијанската влада на чело со Марио Драги во една фаза сметала дека нема да може да ја поддржи позицијата што на Европа, тврди Џонсон, потенцирајќи ја  италијанската рамнодушност кон зависноста од рускиот гас.

Сепак, и покрај ваквите различни ставови, истакна Џонсон, Западот брзо сфатил дека со Путин не може да се преговара и дека е потребен обединет фронт. Во тој поглед, поранешниот британски премиер оцени дека ЕУ реагирала брилијантно во секој чекор од почетокот на инвазијата и додаде дека, наспроти неговите стравувања, тој „може само да оддаде почит за начинот на кој делувала ЕУ“.

Извор: МИА

- Реклама -