Џонсон: Немам појма кои се и како можат да бидат сменети копилињата што ја водат ЕУ

Нов референдум за Брегзит би предизвикал бес кај Британците, рече Борис Џонсон, поранешен шеф на британската дипломатија и жесток поборник за излегување на Британија од Европската унија.

„Мислам дека тоа не би било можно. Мислам дека бесот би бил преголем, како и заморот. Луѓето би биле потполно бесни поради идејата одново да гласаат за тоа“, рече Џонсон на конференција во Њу Делхи.

Тој истакна дека референдумската кампања во 2016-та била многу остра и дека длабоко ја поделила земјата, а ново гласање би имало ист ефект.

Џонсон лани ја напушти владата на Тереза Меј во знак на протест поради нејзиниот нацрт договор со ЕУ со кој се предвидува останување на Велика Британија во царинската унија па пат на таканаречениот „бекстоп“ сè додека не се реши прашањето на границата меѓу Ирска и британската Северна Ирска. Британскиот парламент во меѓувреме го отфрли договорот, па британската премиерка се наоѓа среде голема политичка бура во очи на 29-ти март, кој е предвидениот датум за Брегзит.

Прочитајте и:  ЕУ и Јужна Кореја бараат Северна Кореја да ги повлече трупите од Украина

„Брегзит-от треба да се изведе чисто и нашата премиерка треба да заврши со ‘бекстоп’-от така што тоа да ѝ одговара на цела Велика Британија“, порача Џонсон.

Тој исто така ги отфрли тврдењата дека Брегзит е „ксенофобичен, националистички и реакционерен феномен“.

„Мојата замерка кон ЕУ не е тоа што ја водат странци. Проблемот е што не знаеме кој навистина ја води. Невозможно ми е да ви кажам кои се тие, што работат, како дошле на функција или како е можно да бидат сменети“, рече Џонсон, по што му излета и невнимателната изјава дека „нема појма како да се отпуштат тие копилиња“.

Сепак, брзо се поправи:

„Не велам дека тие се копилиња. Но милиони и милиони луѓе во Велика Британија немаат појма за тоа како функционира системот. Тоа им е целосно непознато“, истакна тој.

 

- Реклама -