Лондон, 9 јуни 2022 (МИА) – Британскиот премиер Борис Џонсон денеска нагласи дека Западот не треба да ја охрабрува Украина да се согласи на „лош“ компромис со Русија, бидејќи тоа би било „морално одвратно“.
„Поттикнување на лош мир во Украина значи да се охрабри рускиот претседател Владимир Путин и сите оние во светот кои мислат дека агресијата се исплати“, рече Џонсон во говорот во Блекпул, северозападна Англија.
„Тоа би било грешка и би ја отворило вратата за повеќе конфликти, повеќе нестабилност, поголема несигурност во светот и повеќе економски тешкотии“, додаде тој.
„Знам дека некои, не во оваа земја, туку на други места, веруваат дека цената на поддршката за Украинците сега е превисока и дека треба да се охрабрат да се согласат со она што го бара Путин“, рече тој.
„Да се напуштат Украинците би било морално одвратно“, нагласи тој.
Путин „никогаш нема да може да ја потчини Украина и колку побрзо го сфати тоа, толку подобро, но не смее да му се дозволи да постигне делумен успех со голтање дел од земјата како што правеше претходно и прогласување прекин на огнот“.