Џо Бајден го бранува регионот: Црна листа и санкции за сите што ги поткопуваат Преспанскиот и Рамковниот договор и/или го дестабилизираат Западен Балкан

САД денеска го брануваат Балканот откако американскиот претседател Џо Бајден синоќа неочекувано потпиша Извршна наредба со која ќе се ставаат на црна листа и ќе им се замрзнува имотот на сите лица кои работат на дестабилизација на Балканот и се одговорни за непочитувањето на постигнатите спогодби. Во наредбата, покрај други, експлицитно се спомнуваат и Рамковниот договор и Преспанскиот договор со Грција.

Со оваа наредба, Бајден го проширува опсегот на вонредни мерки во врска со регионот на Западен Балкан, надоврзувајќи се на Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001 година (Замрзнување на имот на лица кои ги загрозуваат меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан), дополнета со Извршната наредба 13304 од 28 мај 2003 година (Прекинување на итната состојба во врска со Југославија и модификација на Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001).

„Ситуацијата на територијата на поранешната Социјална Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и Република Албанија (Западниот Балкан) во изминативе две декади, вклучувајќи го поткопувањето на пост-воените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и широко распространетата корупција во разни влади и институции на Западниот Балкан, го попречуваат прогресот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции, и затоа претставуваат необична и вонредна закана за националната безбедност и надворешна политика на Соединетите Американски Држави“, заклучува Бајден во наредбата.

Оттаму, Бајден наредува да бидат замрзнати сиот имот и интереси во САД и кои се во сопственост или врз кои САД има контрола, на лица кои ќе ги одреди Секретарот за финансии, во консултација со Државниот секретар, а кои лица се:

• одговорни или соучесници, или се директно или индиректно вклучени, во дејствија или политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава во Западен Балкан
• одговорни или соучесници, или се директно или индиректно вклучени, во дејствија или политики кои ги поткопуваат демократските процеси или институциите на Западен Балкан
• одговорни или соучесници, или се директно или индиректно вклучени, во прекршувања или дејствија кои ја попречуваат или биле закана за имплементацијата на било кој регионален безбедносен, мировен, договор за соработка, или заеднички прифатен договор или рамка или механизам за одговорност поврзан со Западниот Балкан, вклучувајќи ги Преспанскиот договор од 2018 година, Охридскиот Рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, Дејтонскиот договор, итн… (заклучоците на Совет за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги и одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот управен одбор, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот механизам за кривични трибунали)
• лица кои се одговорни или соучесници, или се директно или индиректно вклучени, во сериозни прекршувања на човековите права во Западен Балкан
• се одговорни или соучесници, или се директно или индиректно вклучени, во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучувајќи корупција од влада, во име на влада, или на друг начин поврзана со влада во Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер од кој било ешалон на влада во Западен Балкан, како што се злоупотреба на јавни средства, експропријација на приватни средства за лична корист или за политички цели, или поткуп.

Прочитајте и:  12.000 долари за промена на бојата на очите - процедурата се попопуларна во САД

Во овие спаѓаат и лица кои:
• материјално помогнале, спонзорирале или обезбедиле финансиска, материјална или техничка поддршка, или добра или услуги, за лице или за поддршка на лице чиј имот и имотни интереси се блокирани со оваа наредба
• лица кои се контролирани или се однесувале или извршиле дејство за лицето или во име на лицето, директно или индиректно, чиј имот и интереси се блокирани согласно наредбата.

Како што гласи документот, на лицата кои исполнуваат еден или повеќе од еден од наведените критериуми, ќе им се забрани и влез во САД, бидејќи тоа, како што потпиша Бајден, е во спротивност со интересите на САД.

Според аналитичарите, наредбата што ја потпиша американскиот претседател е јасна порака за заложбите на актуелната админстрација на САД – да ги порази сите структири во регионот кои и понатаму активно работат на негова дестабилизација и неговата интеграција во евро-атлантското семејство.

- Реклама -