Македонското МНР, преку амбасадата на земјава во Бугарија, упати протестна нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија, поради контроверзното предизборно видео на бугарскиот европратеник и заменик-претседател на ВМРО-БНД на Каракачанов – Ангел Џамбаски.
Во обраќањето, Џамбаски, меѓу низата пораки со отворен иредентизам, порачува и дека Македонија е бугарска и дека колку похистерична била омразата кон Софија, толку побугарски ќе станувал Охрид.
„Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји“, реагираат од МНР. „Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, се вели во соопштението.
Од македонското МНР додаваат и дека соодветно ќе реагираат и до институциите во Европската унија.