Депресијата на Черчил, Линколн и Мартин Лутер Кинг

king-nobel-peace-prize-P[1]

И денес уште се стигматизираат луѓето со ментални проблеми, за кои многумина сметаат дека се во тесна корелација со карактерна слабост. Но факт е дека многу од светските лидери имале одредени проблеми од тој тип.

Насер Геми – професор по психијатрија кој пред сé ја проучува(л) врската меѓу лидерството и менталните болести, ќе рече вака: „Манијата ја зголемува креативноста и отпорноста на траума, а депресијата го зголемува реализмот и емпатијата“. Следствено на тоа, неговиот став е дека некои од менталните болести не само што не се препрека во тоа некој да стане лидер, туку се и од помош. Особено е интересна неговата теза дека ваквите луѓе се пристојни лидери во мирни времиња, но особено „блескаат“ во тешките мигови.

Во продолжение следуваат три примери за тоа зошто не треба да се стигматизираат луѓето со ментални нарушувања. Што ќе рече Геми, следуваат тројца големи лидери чија „слабост станала нивна најголема сила“.

Абрахам Линколн

Ако се суди по писмата на неговите пријатели, Линколн бил „најдепресивниот човек на светот“, а се чини дека депресијата му била наследна. Но не било отсекогаш така. Неговите познаници се сеќаваат дека како млад секогаш бил ведар и расположен. „Никогаш не сум го видел лут или нерасположен“, вели еден негов современик.

Но по неколку лични несреќи – смртта на сестрите и блискиот пријател – и Линколн почнува да пати од депресија. И тоа до тој степен што неговите пријатели се плашеле дека ќе си го одземе животот, па го заклучувале во собата.

Винстон Черчил

Черчил отворено зборуваше за својата депресија, која особено го прогонувала во време на Првата светска војна. „Две или три години беа навистина тешки. Станав член на парламентот и ја одработив работата“, подоцна ќе му признае на својот доктор.

Според една од биографиите на легендарниот воен лидер, Черчил нашол утеха во креативните активности – пишувањето, сликањето и ѕидарството. Како резултат, Черчил има напишано повеќе текстови и од Шекспир и Дикенс заедно, не само додека бил политичар, туку уште од своите новинарски денови.

Сепак, депресијата го следела целиот живот, а Черчил има изјавено дека не сака да стои на перон на железничка станица кога поминува воз, или на брод близу оградата, со зборовите „Една акција би променила сé“…

Мартин Лутер Кинг

Иако неговиот живот е во голема мера истражен, малку се знае за неговото искуство со депресијата. Според пишувањата на магазинот Time, МЛК имал два обида за самоубиство уште пред да наполни 13 години. Имал силни напади на депресија, а неговите луѓе се обиделе (не многу пред атентатот) да го убедат да побара психијатриски третман, што Кинг категорично го одбил. Но ете, емпатијата – која им се припишува на депресивните – направила Мартин Лутер Кинг да направи сé што направил и денес да го знае целиот свет. Во една прилика ќе му префрли на еден скап психолог за неговата желба секогаш сé да поправи: „Постојат нешта што не треба да ги поправаме, ако веќе треба да бидеме луѓе со добра волја“.

- Реклама -