Света Недела се раѓа и живее во едно бурно и страшно време за христијаните, време кога со Римската империја управуваа царот Диоклецијан и неговиот зет Максимијан, познати по својата суровост и непријателство кон христијаните. Во нивното царство,во Анадолија, живеат побожните и благочестиви но и бездетни сопружници Доротеј и Евсевија. Но со постојана молитва со вера и надеж во Бога, Господ се смилува и им подари чедо кое се раѓа токму во неделен ден поради што и го добива името Недела. Родителите на долгочеканото чедо се погрижиле уште во раното детство, својата рожба да ја воспитаат и воведат во христијанската вера,да и го доближат Спасителот Господ Исус Христос Кој и постана нејзин пат, живот и вистина.
Но, секако, и Господ ја избрал младата Недела да биде Негов свидетел преку страданијата што ги претрпи за Христа како и со прекрасната нејзина убавина надворешна и внатрешна. Иако сеуште млада нејзината појава пленува и станува предизвик на многу млади кои ја бараат нејзината рака. Но Божјото провидение било поинакво. Таа требала да биде “стена” врз која Господ ќе ја гради Својата Црква. И навистина многу момчиња, цареви, кнезови, управници се сопнувале и паѓале пред нејзината стаменост и наместо невеста на обичен см*тник, таа постанува невеста и следбеничка на Христос Господ. Заради тоа, младата Недела и нејзините родители биле наклеветени кај властите и подложени на разни маки при што нејзините родители маченички го завршиле својот живот, а нивната ќерка била испратена во Никомидија, престолнината на источната Римска империја кај кесарот Максимијан за да биде судена.
И таму младата христијанка јавно и без страв ја исповеда Христовата вера. Кесарот и војниците се вчудоневидени како маченицата со песни и молитви ги поднесува страшните мачења. Притоа, светата маченица ќе му рече на мачителот:”Не измачувај,се Максимијане, никогаш не ќе можеш да ме подчиниш на својата волја, зашто Бог е со мене, Он ме крепи и ми помага”. Откако ја виде решеноста и силната вера, на младата Недела, да ги издржи сите страдања, кесарот ја испраќа кај управителот на Витинија, Иларион. И таму божјата благодет е со св.Недела. Воведена во идолски храм за да принесе жртви на идолите, таа се моли на својот Бог при што настанува силен земјотрес, и сите идоли се претворија во прав и пепел а самиот Иларион го губи животот. Наследникот на Иларион, уште пожесток непријател на христијаните Аполониј изнаоѓа уште пожестоки методи за мачење. Ја врзува, младата маченица, потоа ја фрла в темница каде немилосрдно ја измачуваат, ја бичуваат… Но, ако е Христос со нас, кој ќе биде против нас.
Додека невината девојка лежеше во темница целата во рани и се јавува Христос Господ, ја исцелува и и вели:”Не плаши се од маките, Недело, Мојата благодет е со тебе”. Следниот чекор на мачителот е оганот. Во огромните огнени јазици се фрла маченичката за да изгори. Но, таа и овој пат се моли кон својот Бог и од наполно јасното небо паѓа силен дожд и го гаси огнот, а светата маченица е повторно здрава и жива. И дивите ѕверови пред кои беше фрлена за да ја рас*ргнат постануваат кротки како јагниња и легнуваат покрај нејзините нозе. Гледајќи ги овие чудеса многу незнабожци поверуваа во вистинскиот христијански Бог, но сите беа со меч пресечени. Тогаш св.Недела му вели на Аполониј:”По никој начин не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган, ги имам за пример Трите Отрци; ако пак ме фрлиш пред ѕверовите, го имам примерот на Данило; ме фрлиш ли во морето го имам примерот на Јона; ако пак ме предадеш на меч, ќе се сетам на чесниот Претеча.
За мене живот е – да заг*нам за Христа”. И кога најпосле беше предадена на џелатите да ја погубат со меч, таа ги замоли да и дозволат, да се помоли на Бога, пред да се изврши пресудата. Последната желба и ја исполнија, но тоа беше и последен нивен пораз, затоа што додека се молеше, Бог ја прими нејзината душа, па мечот на мачителите не ја допре нејзината глава. А нејзината молитва кон бога беше:”Бог да ги помилува и спаси сите кои ќе го слават мојот спомен, а мојата душа да ја упокои заедно со душите на моите родители”. Веднаш по нејзиното блажено претставување се слушна глас од небото упатен кон војниците, кој рече:”Одете браќа и раскажувајте на сите за големите дела Божји”. Света Недела чесно пострада и се пресели во вечна радост на својот Господ на 7/20 јули 289-та година. Светата Православна Црква на тој ден не потсетува на нејзината љубов, на нејзината непоколеблива вера и надеж дека ако за Христа и у*ре ќе живее – во споменот на луѓето и вечното Царство Божјо. Иако и беше ветуван удобен, убав и раскожен живот на земјата, светата маченица, не посака ни брачна постела, ни палати, ниту богатства, ниту телесни наслади. Таа се вети на Христа и Бог ја исполни со сила на Светиот Дух, со која ги победуваше оние кои ја мачеа и ги рушеше идолите пред кои ја тераа да се поклони. Светата маченица Недела, благочестиви христијани, и по нејзината кончина, продолжи да живее на земјата кај сите што го честат нејзиното име и го почитуваат нејзиниот спомен. Таа е закрилничка и молитвеница пред Бога за сите оние што ќе ја побараат нејзината помош.
Нашите Православни верници не прават разлика помеѓу недела како седмичен ден и “св.Недела” како празник посветен на св.Недела. Света Недела е светителски празник посветен на маченицата Недела, и тој е еднаш во годината, на 20 јули. Св.маченица Недела е секогаш на една иста дата, а секоја година го менува денот. Додека пак седмичниот ден-недела е всушност денот во кој воскресна Спасителот наш Господ Исус Христос. Заради Христовото Воскресение се слави и денот-недела. Оти секоја недела е всушност мал Велигден. Затоа, правете ја разликата помеѓу седмичниот ден недела и св.Недела.