Кога пилешкото стана достапно за сите, почна сé побрзо да се произведува, а квалитетот сé повеќе да опаѓа.
Во 1923 година беа потребни 16 недели за да се одгледа совршено пиле тешко еден килограм. Веќе во 1933-та, периодот на одгледување се намали за две недели. Трендот продолжи, а денешните познавачи ќе речат дека пилешкото што денес го јадеме воопшто нема вкус на пилешко. Тоа се должи на фактот што одгледувачите на живина не се занимаваа многу со квалитетот и вкусот, туку со големината и бојата.
Во 2005 година, канадските научници успешно одгледаа пилиња од различни стадиуми на растот. Во меѓувреме резултатите покажаа дека пилињата се до четири пати потешки отколку во 1957 година, иако се хранат со иста храна. Просечната тежина на пилињата/кокошките во 2016-та беше 2.8 килограми.
Познавачите и дел од научниците оваа разлика во големината и тежината ја сметаат за доказ за генетска манипулација врз пилињата. Сé е тоа резултат на трендот „пиле на иднината“ кој започна во 1948 година. Тогаш фармерите во САД почнаа да развиваат пилиња со конкретна цел – да бидат поголеми, подебели и побрзо да растат. Крајниот резултат е видот Arbor Acre – мешавина од два вида пилиња, кои станаа „дедо и баба“ на најголем дел од комерцијалните пилешки видови кои ги јадеме денес.
За тие што до текстов живееле во пештера: Масовното производство на пилешко за потребите на човечката исхрана подразбира чување на пилињата во големи хангари на живинарските фарми. Пилињата пред колењето се чуваат во мали затворени простори и во лоши услови, без можност за движење, па дури и за мрдање. Поентата на претераното хранење и ограниченото движење е што побрзо да ја достигнат идеалната „тежина за колење“. Од друга страна, иако хормоните и стероидите во оваа индустрија се забранети, јавна тајна е дека пилињата редовно ги клукаат со антибиотици и средства за раст. Таквиот вештачки форсиран раст знае да резултира со брутални слики од кокошки кои имаат постигнато зрел раст на телото, но не и на скелетот и жилите, па не можат ни да застанат на сопствените нозе.
Ако последниов пасус ви е новост, задолжително гледајте како се прави пилешко во продолжение, без разлика што е ужасно брутално, бизарно и шокантно.