Денес е меѓународен ден на бабите

Толку кратко зборче, а толку многу љубов – „баба“…

Бабите се како времеплов – кога ќе помислите на својата баба, автоматски се враќате во детството. Ете, си ја имале таа некоја нивна неверојатна моќ да направат да се чувствувате толку сакано и безбедно што и денес тие моменти ви се враќаат како да биле вчера.

И колку пати и да сте првртувале очи зашто баба ви по стоти пат ви ја раскажува истата приказна/случка што ви ја раскажувала и минатата недела, за неколку години, кога баба ви ќе ја нема, одеднаш сфаќате дека си ја спомнувате и се потсетувате на неа повеќе отколку што некогаш сте претпоставувале.

Ќе ве насмее и самото сеќавање на моментите кога вашата баба не разбираше како функционира мобилен или недај боже интернет, а ќе се сетите и на поучните приказни и нејзините мудри совети, кои дури и никогаш да не ви се нашле во животот (ако е тоа можно) – ги паметите зашто биле искажани со толку љубов и најдобра можна намера.

 

Бабите отсекогаш биле посебни, но иако не изгледа така, денес се можеби уште поважни. Сé повеќе истражувања велат дека во ова време, кога родителите се често зафатени, децата се сé поповрзани со своите баби. Со други зборови, улогата на бабите допрва се зголемува.

А за врската меѓу бабите и внучињата? Доволно е да ги седнете и да ги прашате нешто за нив, а следните неколку часа тие со куп топлина ќе ви раскажуваат за малечките како да се сите добитници на Нобелови награди: внукот правел фигури од пластелин ко да е Микеланџело, внуката пеела ко да е следната Марија Калас… Со други зборови, внуците им се дијаманти и само затоа што дишат.

И нормално, не го мислиме тоа во негативна смисла, туку само се обидуваме да доловиме колку е убаво некој така безрезервно да ве сака и да ви се восхитува на секоја шутната топка или секое скокнато јаже…

Затоа денес, на Меѓународниот ден на бабите, сите вие помладите да си ги гушнете или барем да им се јавите, а вие постарите – да си ги спомнете. И нормално, и вие да си исчекате.

- Реклама -