Денеска светот се прости со една од музичките икони на 20 век – Дејвид Боуви, кој почина на 69 години по тешка битка со ракот, само два дена по неговиот роденден, кога официјално излезе и последниот неговиот албум Blackstar.
Боуви беше препознатилив како ексцентричен изведувач кој постојано го менува својот изглед. Во својата кариера има соработувано со Џон Ленон (Fame) Квин (Under Pressure), Мик Џегер (Dancing In The Street), Тина Тарнер (Tonight), Лени Кравиц, Иги Поп.
Неговиот живот е полн со авантури, што последователно оставаат белег и врз неговата музика.
Боуви е роден на 8 јануари 1947 година како Дејвид Роберт Џонс во Велика Британија. На овој ден, но во 1935 година, е роден и Елвис Присли. Боуви го менува роденото име, бидејќи во тоа време вокалист на “Менкис”, кој е многу популарен го носи истото име – Дејвид Џонс. Боуви е мулти-инструменталист – тој свири на гитара, саксофон, воиола, виолончело, хармоника и тапани.
Малку познат факт е зошто неговите очи изгледаат различни. Имено, при училишен инцидент негов соученик го удирил и му нанел сериозни оштетувања. Боуви бил подложен на операција при која зеницата на едното око му останала широко отворена. Така левото око изгледа дека се разликува по бојата, но всушност и двете негови очи се сини.
Се тврди дека одбил витештво за заслуги за развојот на музиката во 2003 година и дека е еден од најбогатите британски музичари.
Тој отворено зборува за својата бисексуалност и е застапник на правата на хомосексуалците. Има две деца – Данкан Џонс, кој е режисер и ќерка – Александрија Зара Џонс.
Неговата сопруга е модна икона од 70-тите и 80-тите години.
Претпоследниот албум “The Next Day” од 2013 година Боуви го издаде по 10-годишна пауза.