Еразмус Дарвин, покрај тоа што му бил дедо на популарниот Чарлс Дарвин, е (недоволно) познат и како научник, но и како потенцијален супернегативец за целата планета. Во обид да ги реши проблемите што произлегувале од колонизацијата на тропските предели, дошол до изненадувачки креативна идеја за тоа време, додуша од денешен аспект, апокалиптична – да ја тераформира Земјата т.е. да ја трансформира нејзината атмосфера, температура, топографија и екологија.
Еразмус бил член на Лунарното друштво, т.е. бил Лунартик, како што самите се нарекувале. Ова било клуб на мажи чиј интерес биле науките, и тоа во најширока можна смисла. Се состанувале еднаш месечно, на полна месечина, и дискутирале секакви идеи што ќе им паднеле на ум, било да се работело за филозофија, теологија, лингвистика, инженерство, биологија или било која друга сфера што подразбирала истражување, но со отворен ум. Алкохолот бил уште еден редовен член на нивните состаноци, а некои луѓе го наведуваат како причина за друштвото да измисли кочија со едра, која благодарение на ветрот возела толку брзо што локалните ја сметале за опасност. Но, тоа не е ништо во споредба со тоа до каде Еразмус ја развил почетната идеја со едрата.
Неговото време било време кога за колонијалните сили, животот во тропските предели подразбирал пред сé маларија, денга и илјадници други болести. Дури и самата жештина била доволен предизвик, а да не зборуваме дека токму високата температура била пресудна за постоењето на суровите вируси што успевале да ги сотрат дури и најнепоколебливите конквистадори. Се рабира, Европа имала огромни морнарици, што пак значело многу животи и големи загуби. За сето време, Еразмус ги читал сите извештаи на истражувачите и експедициите што се враќале од Арктикот. Во обид да го реши „проблемот“, тој дошол до заклучок дека целиот (познат) свет треба да се обедини и да ги испрати сите бродови до Арктикот и Антарктикот, да ги врзе огромните санти мраз со јажиња и да ги довлечка до Екваторот, за да го олади. Сметал дека ова би било изводливо со помош на големи и многубројни едра кои би се прикачиле на ледените санти и дека со помош на ветерот, сé што би било потребно е да се навигираат до саканата дестинација.
За луѓето од Дарвиновото време, тоа звучело како лудило, и покрај тоа што немале претстава за глобалниот ефект од еден таков чекор. За луѓето од нашето време тоа звучи како лудило до крајни граници, особено имајќи ги предвид штетите настанати од климатските промени и самото топење на половите, процес кој Еразмус и тоа како ќе го ескалирал ако ја изедначел температурата насекаде на Земјата. Сепак, тоа што вие сега го читате ова на вашиот компјутер значи дека благодарение на многуте скептици, планот на Еразмус бил одбиен и дека светот одбил да се обедини во напорите да се самоуништи, макар што тоа би била мошне забавна иронија.