На 6-ти јануари, турскиот академик Јавуз Орнек – професор по поморски науки на универзитетот во Истанбул учествуваше во ТВ емисија на турската TRT 1 и произнесе мошне луди ставови поврзани со библиската приказна за Ное и Потопот.
Орнек вели дека технологијата била многу поразвиена пред 10.000 години отколку што повеќето претпоставуваат. Според него, Ноевата Арка била изградена од челик, а била напојувана со нуклеарна енергија. Ај тоа, ама Орнек исто така тврди и дека пророкот Ное користел мобилен телефон за да му се јави на далечниот син и да го убеди да се качи на Арката со неговото семејство. Што се однесува до спасувањето животни, Ное не качил по две животни од секој вид, туку понел по една машка и женска репродуктивна клетка. Целиот живот на Земјата, според академикот, потекнува од таа древна сперма и таа Ноевата „банка“ на јајце-клетки.
Кога водителите и другите гости на шоуто го притиснаа Орнек да посочи емпириски докази за овие негови одлепени тврдења, Орнек посочи кон стихови од Куранот, велејќи: „Имало огромни 300 до 400 метри високи бранови, а неговиот син (на Ное) бил оддалечен многу километри. Куранот вели дека Ное зборувал со својот син. Но како успеале да комуницираат? Дали тоа било чудо? Можеби. Но ние (без да потенцира кои се „ние“) веруваме дека комуницирал со синот преку мобилен телефон“. „Јас сум научник, зборувам во име на науката“, заврши академикот.
Ни водителите на шоуто не можеа да останат рамнодушни а да не го соопштат својот краен скептицизам кон реченото, а камо ли сите што го видоа делот со Орнек на социјалните мрежи.
Што се однесува до Ное, неговата Арка и Потопот, освен во Библијата приказната ја има и во јудаизмот и исламот, со тоа што во Куранот ѝ е посветено цело поглавје.
Бројни научници и авантуристи ја имаат барано Ноевата арка низ годините. Дури и National Geographic објави вест во 2010-тата дека група христијански евангелисти од Хонгконг тврдат дека ја нашле арката на врвот на планината Агри во Турција. Историчарите и научниците, во меѓувреме, не ги верификуваа таквите тврдења. Или што ќе рече Пол Зимански – археолог специјализиран за Блискиот Исток од Њујоршкиот универзитет: „Не знам ниту една експедиција што тргнала да ја бара арката и не ја нашла“.
Повелете и видео, ако случајно разбирате турски: