Дечев: Арогантно е Генчовска да повторува дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и создава погрешна претстава во Брисел, Париз, Берлин, Токио…

„На Генчовска главата ѝ е толку празна (без извинение) што и откако колата и вака и така се преврте, таа наместо еднаш да каже ‘Бугарија ќе направи еднострана изјава за јазикот’, таа непрекинато повторува ‘Не го признаваме македонскиот јазик’, ‘Не сме го признале македонскиот јазик’ итн.“, критикува бугарскиот историчар Стефан Дечев по повод изјавите на шефицата на бугарската дипломатија.

Според Дечев, Генчовска воопшто не води сметка колку е тоа арогантно и навредливо за „носителите на тој јазик, кои го нарекуваат ‘македонски’ зашто… како инаку би го нарекувале“.

Но, според Дечев, штетата е и во тоа што Генчовска остава исклучително лош впечаток во странство и создава, вели тој, погрешна претстава дека Бугарија воопшто не е во право и по останатите, историските прашања.

„Не може поради решението на еден оддел во Бугарската академија на науките (БАН), или едно семејство лингвисти, цела Бугарија да носи срам. Во Брисел, во Париз, во Берлин, во Амстердам, во Копенхаген, во Токио, во Вашингтон, во Москва, во Киев, во министерствата за надворешни работи, во универзитети, катедри, оддели, јазикот е ‘македонски’, но Генчовска ќе правела изјава“, посочува Дечев.

Прочитајте и:  Продолжи судењето за нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб од Охрид

Според него, Бугарија треба да го нарекува нашиот јазик „македонски“ макар и поради домашно воспитување.

„Тука немаат никакво значење падежи, инфинитиви, членувања, акценти итн. Секое дете пораснато во добро семејство знае дека треба да вели ‘Добар ден!’ и ‘Благодарам!’ (во Бугарија, за разлика од Македонија, има и ‘Мерси!’ зашто дошло дури по Првата светска војна). Ако твојот сосед јазикот го нарекува ‘македонски’, ти, макар и од добро воспитување а не од филолошки познавања, треба да го нарекуваш ‘македонски’ “, заклучува Дечев.

Дечев, инаку, е член на таканаречениот „Клуб за бугарско-македонско пријателство“.

- Реклама -