Де Мур: Со заканите на Унгарија за испраќање мигранти во Брисел се поткопува солидарноста во ЕУ

Заканата на Унгарија дека „ќе испрати автобуси со илегални имигранти во Брисел“ претставува поткопување на солидарноста и соработката во Европската Унија, оцени белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур.

– Како земји членки на Европската унија, треба да работиме заедно на правична, хумана и ефикасна миграциска политика. Со едностраното префрлање на одговорноста преку закани од ваков тип само се поткопува солидарноста и соработката во Унијата, изјави Де Мур.

Ваквиот став на Де Мур претставува реакција на изјавата на шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергеј Гујаш, кој кон крајот на минатиот месец рече дека Будимпешта со автобуси ќе пренесе илегални мигрантите во Брисел, каде што е седиштето на повеќето институции на ЕУ, доколку Унијата опстојува на ставот за спроведување на новите правила за миграција.

Истата закана во петокот ја повтори и пратеникот во унгарскиот Парламент, Бенце Ретвари од редовите на партијата Фидес на Орбан, кој изјави дека по спроведувањето на новата „европска процедура“ за миграција, Владата на Унгарија е подготвена на илегални мигранти да им понуди „бесплатно патување до Брисел во еден правец“.

Во тој правец беше и изјавата на политичкиот директор на премиерот Орбан, Балаш Орбан, кој истакна дека „Унгарија ја штити целата ЕУ со својата строга гранична контрола, додека Брисел повеќе би сакал политика на отворени граници“, па Будимпешта би можела да му овозможи да почувствува како изгледа прилив на илегални мигранти.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

На ваквите изјави на унгарски претставници претходно реагираше и бриселскиот градоначалник Филип Клоз, кој во објава на Икс оцени дека станува збор за „провокации“ и побара белгиската Влада да преземе мерки со кои на границата би бил спречен евентуален влез на ваквите автобуси со мигранти во Белгија.

ЕУ во мај годинава ги усвои измените на миграцискиот пакт, на кои се противеа некои од лидерите од земјите членки од централна и источна Европа, меѓу кои и Орбан, но и полскиот премиер Доналд Туск.

Со измените, меѓу останатото, на земјите членки кои се соочуваат со голем прилив на илегални мигранти, како Италија и Грција, им се дава можноста дел од нив да преместат во други држави од Унијата. Доколку некоја земја членка одбие да ги прифати овие мигранти мора да плати „компензација“.

- Реклама -