Најдобриот совет што шпанскиот селектор Луси де ла Фуенте може да им го даде на своите играчи додека се подготвуваат за мечот со Англија во финалето на Европското првенство во Германија е да останат доследни на својот идентитет играње допадлив фудбал, изјави селекторот.
Шпанија на првенството нанижа шест последователни победи, вклучително и пресвртот за победата против Франција во полуфиналето. Шпанците го сторија тоа без да ги жртвуваат својот напаѓачки стил, менталитет и самодовербата за кои Де ла Фуенте верува дека мора да им останат доследни и во неделното финално соочување.
„Ако ние не бидеме Шпанија, немаме шанси“, рече Де ла Фуенте на прес-конференцијата во саботата вечерта, последна пред дуелот со Англија.
„Многу работевме на тоа да бидеме подобри. Ќе се обидеме да се наметнеме во недела, така што ќе бидеме самите ние. Постојат стилови, начини на игра. Ќе имаме и ривал наспроти себе, но нашата тенденција е очигледна. Утре, секако, ќе се обидеме да играме во согласност со своите сили. Но, доколку нема да можеме, тоа ќе биде поради посебните околности на играта, тоа нема да значи дека трендот се променил“, појасни селекторот на „Фуријата“.
Досега на турнирот Шпанија пружи низа претстави исполнети со вештина и расфрлување покажувајќи дека повторно мислат дека се екипа којашто го знае патот до целта. Упатија извонредни 108 удари кон голот на противниците, од кои 37 во рамките на голот, и тоа е показател дека Де ла Фуенте ја развил својата екипа во онаа којашто повеќе не го бара поседот на топката само заради посед. Тоа се најдобрите показатели на турнирот и речиси двојно повеќе од вкупно 66-те шутови на Англија и 19-те од нив кои одеа во рамките на противничкиот гол.
Според фудбалските стручњаци, се очекува дека финалето ќе претставува контраст на стиловите на играње, но Де ла Фуенте не верува дека Шпанија би требало да се смета за фаворит.
„Спокојни сме. Никогаш не ја загубивме перспективата. Сосредоточени сме на она што го контролираме. Знаеме дека утре нема фаворити, многу е израмнето. Ќе ги оставиме фаворитите да разговараат со обложувалниците“, рече Де ла Фуенте.
„Знаеме дека доколку не бидеме на нивото коешто досега го прикажавме, нема да имаме шанса за победа. Но знам дека го имаме и дека ќе го дадеме во недела. Горд сум што гледам процес кој го следевме за да дојдеме дотука. Никој на овој тим не му даде ништо бесплатни и имаме право да бидеме многу горди. Постои сегашност и голема иднина. Да се види дека земјата е посветена на оваа национална екипа е нешто прекрасно“, заклучи селекторот на Шпанија.