Дац во војна со Мицкоски по жестоките критики за танцот на вакцинирачите во „Борис Трајковски“ на песната „Вакцина“ (ВИДЕО)

Невкусен политички потег или едноставно музика и малку позитива? Новата преработка на музичкото дуо Драган Спасов Дац и Александар Митевски – насловена „Вакцина“, добива политичка конотација откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, видеото на кое медицински работници од салата „Борис Трајковски“ (каде во тек е широката вакцинација) се разиграа на новата песна со корона-тематика, го нарече „срамно“ и „примитивно“.

Оценувајќи ја вакцинацијата како фијаско, затоа што е задоцнета и сѐ уште нема доволен број вакцини, посочувајќи дека имаме повеќе од 4.700 починати, Мицкоски оцени дека сме на врвот во Европа и со тоа и на Балканот во неспособноста во справување со пандемијата.

„Јас не очекувам од овие луѓе ништо подобро освен онаа песна што ја слушнав и она трагично, декадентно, примитивно, мизерно оро кое луѓето кои што треба да ја спроведуваат вакцинацијата по налог на нивниот работодавач го вртеа во спортскиот центар ‘Борис Трајковски’. Се срамам. Се срамам што сум дел од ова политичко мочуриште, но тоа е единствениот начин како овие луѓе да се поразат и да се пратат на темната страна на историјата. За жал, ќе мора катастрофално да ги поразиме сите заедно, а потоа да одговараат“, изјави Мицкоски при денешната посета на општина Петровец.

Критикувајќи ја власта, лидерот на најголемата опозициска партија упати и директни критики кон авторите на песната, односно Дац и Александар.

„Не можев да поверувам во она што го гледав вчера, онаа песна што ја компонирале, а дури не можам ни на тие луѓе кои ја компонирале таа песна – да им се изначудам на паметот. А оној срам кој што го правеа оние здравствени работници, мислам дека не заслужува никаков коментар, па дури и да било под притисок и под закана дека ќе ја изгубат работата. Дно, дно и кога човек мисли дека го допреле дното, всушност бил песимист. Треба да сме оптимисти, тие можат да копаат и подлабоко“, изјави тој.

На ваквите критики одговори актерот и од пандемијава наваму пејач – Драган Спасов Дац.

„Писмо до човекот кој нѐ прозва нас и здравствените работници

Господине Мицкоски, би сакал најдобронамерно да Ви помогнам, затоа што гледам дека не знаете дека песната ‘Марина’ (во препев ‘Вакцина’) е компонирана од познатиот италијански шансониер Роко Граната. Ние на таа мелодија напишавме текст. Компонирање е едно, а пишување забавен текст на дадената мелодија е сосема нешто друго , а нашата финална композиција е препев или кавер. Таква беше и ‘Корона Чао’, ако се сеќавате, хит во нашиот регион. Кој знае – ок, кој не знае – предолго за објаснување.

Сето време во пандемијава се трудиме да создадеме позитивна енергија и оптимизам кои итекако му се потребни на нашиот народ. Празните фрази, ветвите извици и повици не се наша тема на интерес (актер и музичар), а истовремено не дозволуваме да бидеме ставени во политички контекст таму каде за тоа нема место. Правото на јавниот говор што ви го дава партиската функција, ние како музичар и актер сме го стекнале со многу театарски и музички награди во земјата и странство и од таму нашата релевантност во јавниот простор . А вие? Никој нашите слушатели и обожаватели со ништо не ги принудува да ‘не сакаат и слушаат’, ниту некој не платил или нарачал песната да ја направиме таква каква е. Ние сме само две ноти и неколку збора во морето музика и текст кое не опкружува. За некого морето е радост, извор на здравје, но за некого е смртен непријател во кој неукиот и тупиот на збор и музика може да се удави.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Во Вашите моменти на луцидност и чудење упатени кон нашата песна, си давате за право да коментирате нешто за што, простете, немате појма. Кога ќе напишете песничка од неколку реда и отпеете јавно неколку ноти, ќе ве сметам за кредибилен критичар; вака, сте само – политичар.

Во нашата музика нема ни П од политика, тоа го знаат сите. Оној што пее и игра со нас за да може на момент да заборави на проблемите е наша ‘целна група’. Здравствените работници кои играа на песната (на чело со Денис, нашиот другар и пандемиски соборец со позитивна енергија), се истите тие кои за време на цела пандемија одеа по сите домови во нашата земја од утро до мрак, беспрекорно работејќи ја својата работа. Сега дел од нив го вакцинираат народот во две смени.

Спонтаното играње кое го коментирате е наш, а не Ваш придонес. Во нашиот свет, нашите почитувачи тоа го прават затоа што срцето така им диктира, без било какви очекувања. Од таму и танцот на здравствените работници. Има разлика, нели? Никој од луѓето кои се вакцинирале, не рекле дека кога дошле на вакцинација прво учеле да играат оро како услов да добијат вакцина. Напротив, граѓанството се фали на љубезноста,пожртвуваноста и професионалноста на здравствените работници. Можеби и тоа е лошо по државата, а?“, пишува Дац.

Инаку, песната „Вакцина“ се појавува токму во време кога во земјава пристигнаа поголеми (во споредба со досегашните) количини вакцини. Претходно Владата, вклучително и министерот за здравство Венко Филипче, најавуваа дека кампањата за вакцинацијата ќе започне кога во земјата ќе пристигнат поголеми количини вакцини.

- Реклама -