Даштевски: Ако е потребно гласањето ќе продолжи и по 19 часот, излезност до 15 часот 31,80 отсто

Гласањето ќе се продолжи за граѓаните кои ќе се најдат на избирачките места и во дворовите на објектите по 19 часот и тие ќе можат да го остварат своето право на глас, истакна денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски охрабрувајќи ги граѓаните масовно да излезат и да гласаат на локалните избори.

ДИК испратил мејл до општинските изборни комисии со известување да ги информираат избирачките одбори да им овозможат на граѓаните да гласаат и по 19 часот, ако е потребно.

Гужвите или како што кажа успорувањето на гласањето на овие избори е поради многуте страници на Избирачкиот список и многуте листови за гласање, една четвртина од отпечатоците од прсти кои ги добиле не биле со добар квалитет, како и поради мерките за заштита од Ковид-19.

-За Град Скопје има четири ливчиња, има огромни избирачки списоци, проверката трае двојно. И таму ќе биде дозволено да се гласа се додека не гласа и последниот гласач, рече Даштевски.

До 15 часот излезноста на гласачите е 31,80 отсто од добиени податоци од 69,86 отсто од избирачките места. На овие избирачки места гласале 403 715 гласачи.

Според Даштевски, ова е солиден процент на излезност на гласачите.

До одржувањето на прес-конференцијата до ОИК се поднесени 134 приговори за заштита на избирачко право, од кои 63 се прифатени, а десет се одбиени.

Претседателот на ДИК Даштевски ги соопшти и местата каде што имало прекин во гласањето, и наведе дека во седум избирачки места се гласа со УВ ламба и спреј, како до претходните избори.

МИА

- Реклама -