Данска ќе испрати 300 затвореници во Косово

Данска ќе изнајми затворски ќелии во Косово, каде ќе испрати 300 затвореници, соопшти данската Влада, презентирајќи нов план за запирање на пренатрупаноста во затворите.

Проектот предвидува да се изнајмат 300 затворски места во Косово за да можат странците осудени на депортација да бидат испратени во Данска по отслужување на казната, се наведува во соопштението на данското Министерство за правда.

Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу потврди денеска дека е постигнат договор со Владата на Данска за издавање на 300 келии во косовските затвори за сместување на затвореници од таа скандинавска држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за приштинските медиуми, Хаџиу изрази уверување дека меѓу данските затвореници кои ќе ја служат казната во Косово ќе нема осудени за тероризам.

Таа најави дека, со цел прецизирање на деталите на договорот за изнајмување на затворските капацитети, идниот понеделник, во Приштина ќе допатува министерот за правда на Данска, Ник Хекеруп.

Косовската министерка за правда напомена дека станува збор за меѓудржавен договор, за чија ратификација е потребно двотретинско мнозинство гласови на пратениците во Собранието на Косово.

„Ќелиите кои се очекува да бидат дадени на користење ќе бидат во затворот во Гњилане… Сметам дека овој избор на Данска претставува високо признание за Косово и за институциите како кредибилна држава“, изјави Хаџиу.

Прочитајте и:  Косово купува објекти на амбасади во Италија, Турција, Франција, Германија и Канада

Во 2020 година, околу 350 затвореници во данските затвори требаше да бидат протерани на крајот на казната.

Проектот исто така предвидува да го зголеми капацитетот на данскиот затворски систем за 326 места во периодот од 2022 до 2025 година.

Од 2015 година, бројот на затвореници во Данска се зголеми за 19 проценти, на повеќе од 4.000 луѓе на почетокот на 2021 година, што претставува стапка на пополнетост над 100 проценти. Во истиот период, бројот на чувари се намали за 18 отсто во земја со 5,8 милиони жители, позната по отворените затвори резервирани за осуденици кои отслужуваат казни помали од пет години.

Во Косово во 2020 година, според Светската статистика на затворите (WBP), составена од Британскиот истражувачки институт за криминална и судска политика, 1.642 лица биле во затворите, со стапка на зафатеност од 97 проценти. Норвешка и Белгија веќе изнајмија ќелии во Холандија, каде што испраќаа затвореници.

Извор: МИА

- Реклама -