Н1-Белград
Откако Парламентарното собрание на Советот на Европа препорача Советот на министри да ја прифати апликацијата на Косово за членство во таа организација, следува средба во Стразбур. Таа е закажана за 16 и 17 мај, а на дневен ред засега нема разгледување на апликацијата од Приштина. Во јавноста се споменува дека напредокот кон формирањето на Заедницата на српски мнозински општини е еден од условите за членство.
Основањето на Заедницата би било „важен чекор“ во обезбедувањето на заштитата на правата на косовските Срби, рече известувачката Дора Бакојани, во средината на април пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Во писмото испратено до неа во март, косовскиот претседател, премиерот и претседателот на собранието се обврзаа да ги почитуваат сите одредби од бриселските и охридските договори, вклучувајќи го и формирањето на Заедницата.
Дел од европските претставници посочуваат дека се очекува Косово да постигне видлив напредок во формирањето на Заедницата пред изјаснувањето на Советот на министри.
„И што е сега – видлив напредок? Тука е штосот, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.
Косовскиот премиер е оптимист за апликацијата за Советот на Европа.
„Мислам дека не е ред Асоцијацијата да се извади од основниот договор, да се стави во центарот како приоритет, а основниот договор да се врати на втор план. Сето ова е дел од дискусиите што ги водиме. Го поддржуваме извештајот на г-ѓа Дора Бакојани, која јасно кажа дека дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, што е договор што Србија го крши, не треба да се меша со членството на Косово во Советот на Европа“, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Српскиот министер за надворешни работи вели дека оние кои го поддржуваат Косово бараат од Уставниот суд да го испрати на мислење статутот на ЗСО предложен од Европската Унија.
Французите, на пример, велат дека треба да се почека и одговор, додека други велат дека е доволно само да се испрати. Сега е прашање на проценка кога мислат дека е постигнат видлив напредок“, рече Дачиќ.
Шефицата на пратеничката група на движењето Самоопределување вели дека не е утврдено дека предлог-статутот, предложен од меѓународната заедница, ќе биде испратен до Уставниот суд пред гласањето во Советот на министри.
„Не е утврдено дека тоа ќе се случи пред средбата, определено е дека Косово ќе продолжи со натамошното спроведување на договорот по членството во Советот на Европа“, изјави Мимоза Кусари Љиља, шефица на пратеничката група на Самоопределување.
Не е невообичаено што официјални лица од Белград и Приштина различно ги толкуваат пораките на странските претставници, бидејќи е тешко да се разликува дали барањата постојат и што подразбираат.
„Затоа што не добиваме јасни пораки. Вклучувајќи го и фактот што не добиваме јасни пораки од официјалните лица на иста земја. На пример, функционери од Германија најмногу комуницираат на оваа тема, но нивните изјави често се контрадикторни“, вели Милица Андриќ Ракиќ, НВО Нова социјална иницијатива.
Засега апликацијата на Косово не е на дневен ред на средбата на 16 и 17 мај.
„Какви и да постојат услови, тие очигледно не се исполнети за клучните земји на Советот на Европа“, додаде Андриќ Ракиќ.
Не е исклучено во меѓувреме да биде додадена и точката поврзана со приемот на Косово.