Тоа е прашање кое му припаѓа на лидерот на партијата и ќе биде изненадување кое само Ахмети знае што ќе содржи, изјави пратеникот на ДУИ – Арбер Адеми, на ТВ „Алсат“, прашан околу „големото изненадување“ што Али Ахмети го најави за во сабота, на 19-годишнината од основањето на ДУИ.
„Јас не знам, сигурен сум“, додаде Адеми.
Што ќе соопшти Ахмети не открива ниту министерот за надворешни работи – Бујар Османи. Во гостувањето во „24 анализа“ на ТВ24, сепак, тој посочи дека пракса стана на роденденот на ДУИ да се објавува нов концепт, ново поглавје, нов пристап. Оттаму, Османи најавува дека во сабота ќе биде објавен важен концепт.
Османи рече и дека многу добра вест би била да се реши спорот со Бугарија, но дека засега такво нешто не може да потврди.
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска рече дека првиот вицепремиер го информирал околу „изненадувањето“ и најави дека Ахмети ќе соопшти „убава работа“, притоа алудирајќи на некаква корелација со непосредните избори за партиски претседател, 50-50% односот на мажи и жени, поголемата застапеност на младите и други слични промени што беа направени во СДСМ.
Ахмети, пак, вчера во Липково не рече така. Тој најави платформа што „првично ќе биде дискутабилна“ и ќе предизвика бурни дебати како што тоа го направи платформата за „Прв премиер Албанец“.
Во меѓувреме, во медиумите, а особено по социјалните мрежи, се вртат многу шпекулации и идеи, во најголем дел резултат на слободна интерпретација на најавата на лидерот на интегративците.
Една од можностите, сепак, од за нас непознати причини, многу малку се спомнува, па решивме тоа да го поправиме и да ја ставиме во насловот, чисто како идеја, ако не за овој, тогаш можеби за следниот роденден на ДУИ.