Она што агрегаторите на вести во Македонија го направија е од голема корист за сите нас. Во големото море од информации, многумина ќе беа оставени на милост и немилост на нивните „фаворити“, заглавени со неколку сајтови кои ќе ги прелистуваат по неколку пати дневно. За овој ред во хаосот од сајтови сме им благодарни.
Но, има и една друга страна на агрегаторите, не многу позната за читателите.
Деновиве забележавме дека Time.mk и Daily.mk не ги агрегираат нашите статии. Сообраќајот кој го добивавме од овие сајтови беше повеќе од 10.000 посети месечно, па затоа решивме да ги контактираме и да ја обновиме соработката. Проблемот беше лоциран во еден од нашите плагини, па така статиите на 365 сега ги има и на Time.mk. Ни на памет не ни паѓа да си „отидеме“ од Time.mk, како што тоа го направија некои други па се покајаа. Ваквата „симбиоза“ е добра за агрегаторите и за нас – но, само под одредени услови.
По кратка преписка со Игор од Daily.mk за да го агрегира и 365.com.mk, ни беше посочено дека „Тргнат е дека имате frame escape. Би ве замолил да го тргнете frame ескејпот на Daily и ќе го вратиме.“
Нормално, ни на крај памет нe ни падна да се сложиме. Да објасниме кратко и јасно што значи ова: Daily.mk преку својот фрејм ги краде посетите и рангот на сајтот кој го агрегира (и креира дополнителни хостинг трошоци за агрегираниот сајт), со цел да го зголеми својот ранг и посети.
Некои агрегатори тоа го прават со лента и копче преку кое можете да пристапите директно на агрегираниот сајт, но Daily.mk отишле уште подалеку: Менување на линкот на агрегираниот сајт! Па така, ако читате вест од некој сајт преку Daily.mk, линкот ќе започне со daily.mk/forward/statija и под него во броусерот ќе се појави агрегираниот сајт. Крајно безобразно! Ова важи и за Bukvar.mk, кој потекнува од истата лабораторија.
Ова е крајно неетичка техника која агрегаторите на вести во Македонија ја користат веќе подолго време за да го зголемат својот ранг. Оваа пракса треба да престане.
И затоа постои начин како да ги оневозможите останатите сајтови да го стават вашиот сајт во фрејм.
Пастирајте го овој код во <head> на сајтот:
<script language=”JavaScript” type=”text/javascript”>
<!–
function breakout_of_frame()
{
if (top.location != location) {
top.location.href = document.location.href ;
}
}
–>
</script>
Ако користите WordPress тогаш пробајте го овој No Frames плагин. За Joomla, погледнете го FrameBuster.
Ако сите портали го стават овој код, кого ќе агрегира тогаш Daily.mk? Можеби е време агрегаторите да размислат на чиј труд го градат својот бизнис модел, но и сопствениците на портали и новински сајтови во Македонија посериозно да пристапат кон својата содржина на интернет.
Дополнување: @gdamjan предлага уште поробустно решение. Корисниците на Фајрфокс кои не можат да дочекаат на сајтовите да стават no frame можат да ја пробаат оваа екстензија од @azder.
Дополнување 2: По објавата на оваа статија, Daily.mk го тргна својот фрејм и сега сите линкови од нивниот сајт посочуваат кон оригиналниот линк на изворот без дополнителниот „дифејсинг“. Да се надеваме дека и останатите македонски агрегатори ќе го проследат нивниот потег во блиска иднина.