42-годишната Британка Џоди Чарлс била вистински шокирана кога наишла на кутија цигари со слика, според неа, од нејзиниот сега починат татко, додека бил во болница непосредно пред смртта. Џоди вели дека е „110%“ сигурна дека човекот на сликата е татко ѝ – Дејвид Рос, кој починал во 2015-та година.
И Европската комисија, и болницата Basildon University, каде Рос бил приклучен на машини на интензивна нега, одрекуваат дека човекот на сликата е таткото на Џоди. „Секоја сличност е тотално случајна“, вели Комисијата. Од болницата велат дека нивниот персонал никогаш не би направил таква фотографија.
Рос починал на возраст од 66 години, од проблеми со коскената срж, септикемија и лимфома. Бил пушач, но тоа е сосема неповрзано со неговата смрт. Поминал 10 месеци во болница, а ќерка му верува дека токму во тој период е направена фотографијата. На прашањето дали таа би дозволила фотографијата да биде употребена како предупредување на кутија цигари, Џоди вели „нема шанси“.
Ако мислите дека Џоди си измислува дека човекот е татко ѝ, почекајте, зашто не е единствена што мисли така. Кутијата цигари ја купила нејзина пријателка, која во моментот на „препознавање“ дошла на гости во нејзиниот дом. Сликата ѝ фатила око на 14-годишната ќерка на Џоди, која дотрчала до мајка ѝ и ѝ рекла: „Види, дедо!“.
„Кога ја видов таа фотографија, само реков: ‘О, боже!’ Едноставно знаев, без сомневање, дека тоа е татко ми. Бев ужасната“, раскажува Џоди.
Џоди ѝ ја покажала кутијата и на мајка ѝ – сопругата на Рос, која исто така верува дека тоа е тој.
„Го шишав татко ми 20 години, знам точно како изгледа линијата на неговата коса, и каде точно штрчи…
Исто така му ги чупав и веѓите, и ги знам сите мали детали од неговото лице“, пишува Џоди на вебсајтот за потрошувачи A Spokesman Said.
„И очите му беа потечени кога беше на интензивна нега, и такви се и на сликата“ (на кутијата).
Европската комисија вели дека не може да даде информации за идентитетот на жртвата, за да ги зачува „правата на поединецот на фотографијата“. Велат дека многу жалат за бизарната непријатност, но дека „по проверката на деталите на нејзиниот татко и идентитетот на лицето на сликата, категорично тврдиме дека лицето не е Дејвид Рос“. Исто така, тие убедуваат дека сите луѓе на сликите што се појавуваат на кутиите со цигари, се претходно информирани и дале согласност.
Но Чарлс е убедена во спротивното. Сака да види доказ дека тоа не е татко ѝ, а ако е, сака да види доказ дека се согласил. Вели дека ќе тужи. Вели дека е одвратно да го види својот скоро починат татко како предупредување на кутија цигари. Од друга страна, дури и човекот на сликата да не е Рос, можеме да замислиме колку е вознемирувачко да сте ѝ во кожа.