Да не се копаат крипто валути зашто тоа троши многу струја, а таа е субвенционирана од сите граѓани – апелира Ковачевски

Да не се копаат крипто валути зашто потрошувачката на струја при овој процес е енормна, апелираше денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот за безбедност.

„Во однос на снабдувањето имам апел. Има одредени домови, па и правни лица, во кои има енормно висока потрошувачка на струја и тоа е речиси 100-процентно заради копање крипто валути. Тоа треба да се прекине зашто таа електрична енергија е субвенционирана од сите граѓани. Субвенцијата која на финалната цена ја плаќаат граѓаните е 80 проценти, но кога ќе кажете 80 проценти значи дека ако не е субвенцијата граѓаните треба да платат пет пати повисока цена. Секое неразумно непродуктивно и несовесно трошење предизвикува недостиг, дополнителни буџетски издатоци и немање за снабдување на оние на кои им треба за најважните лични и деловни потреби“, рече Ковачевски.

Прашан зошто не се следи косовскиот пример кој законски забранува копање крипто валути, Ковачевски одговори дека за тоа е потребно носење законско решение.

„Да, може, но за тоа мора да се донесе законско решение. Сѐ додека не се донесе законско решение ќе мора да се оди со апел, а доколку се работи за компании, односно за правни лица, знаете дека воведовме тарифирање во блокови па ако е голема потрошувачката преминуваат во друг блок. Во овој период не треба да се прави тоа поради недостигот на електрична енергија. Споредби со соседни држави е добро да се прават, јас сум во комуникација со сите, но секој има своја специфика. Косово моментно е во тешка ситуација и таму веќе се почнати рестрикции“, одговори премиерот.

Извор: МИА

- Реклама -