Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја пречекува Бугарија, во овој натпревар влегуваме по серија од четири порази без постигнат гол.
По солидните игри на стартот од квалификациите и одличните изданија во пријателските натпревари кои кулминираа со победата од 3-0 над Данска, следуваше голем пад на македонската репрезентација.
Два порази во квалификациите од Белгија, загубени натпревари на скандинавската турнеја од Шведска и Норвешка. Четири порази во низа, без постигнат погодок.
Избраниците на Чеде Јаневски вечерва ги очекува нов предизвик, на Филип Втори Арената гостува репрезентацијата на Бугарија.
Пријателски натпревар од кој за нас е значаен и резултатот но и играта, добро издание на фудбалерите е неопходно со цел да се подигне самодовербата и атмосферата во репрезентацијата пред септемвриските дуели против Велс и Шкотска.
Нашиот источен сосед има напредок, полека но сигурно се враќа онаму каде што беше и за разлика од нас има реални шанси за пласман на завршницата.
Вечерва се очекува и дебито на Давид Бабунски, нашата најголема фудбалска надеж за прв пат треба да го облече сениорскиот дрес на националниот тим.
Натпреварот започнува во 20:45, МТВ за прв пат ќе пренесува со HD технологија. Цените на билетите се 300 денари за јужната и северната трибина, и по 150 за западната и источната.
Фото: ffm.com.mk
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал