Минатото лето светот го обиколи веста за тинејџерот од Мериленд кој направи револуционерен тест за рано откривање на рак на панкреасот, белите дробови и јајниците. Колумнист од магазинот „Форбс“ сакал подобро да се запознае со 15-годишниот Џек Андрак.
Новинарот Џон Ност се договорил за разговор со Џек преку „Твитер“.- „Тоа би било супер. Завршувам со часови во 2:15“, рекол средношколецот.
Кога се заинтересира за науката и кога почна да го проучуваш ракот?
-Многу рано покажав интерес за науката. Родителите ретко можеа да ми одговорат на некои прашања, но секогаш ми помагаа сам да стигнам до одговорот. Почнав да правам хипотези, а не знаев ни да се „занимавам со наука“. Ракот ме заинтересира кога почина близок семеен пријател. Истражував и открив дека секој ден од рак на панкреас умираат 100 луѓе и дека иако раното откривање е клучно за лекување, нема евтин, брз и доволно прецизен тест. Си помислив, мора да постои подобар начин.
Дали луѓето мислат дека твојата иновација е помалку важна затоа што си млад?
-Не мислам дека е така – мислам дека секој може да види дека тоа е супер идеја. Кога одам на научни собири, постои суптилен „ејџизам“ пред да почнам да зборувам, но кога ќе завршам со моето излагање, сите ме сфаќаат сериозно. Затоа Интернетот е важен – луѓето не можат да видат колку години имате и која раса сте и ништо не ве спречува да разменувате информации.
Како дојде до идејата за тест, дали беше „од ведро небо“?
-Сакам да читам научни магазини и потоа да легнам или да прошетам и да пуштам информациите да ми легнат. Тогаш, сосема неочекувано добивам идеја и ги поврзувам точките. Тогаш му се враќам на читањето и ги пополнувам празнините. Поради ова откритие, долго време поминав учејќи се за нано-честичките и тоа додека работев на други проекти. Почувствував дека карбонските нано-честички може да бидат „суперхерои“ меѓу материјалите и сакав уште да работам со нив. Тогаш на час по биологија слушнав за анти-телата и одеднаш некако го поврзав тоа и се запрашав што ќе се случи ако нано-честичките ги изложам на анти-телата на протеинот од ќелиите на ракот на панкреасот. Скекако, требаше уште многу да се работи.
Како влијаеја на тебе постојаните одбивања што ги доживеа кога сакаше да го претставиш својот труд?
-Испраќав електронска пошта на многу професори кои живеат во моја близина и кои се занимаваат со рак на панкреасот. Недели и недели добивав мејлови во кои одбиваат да ме сослушаат. Почнав да очајувам…Тогаш, по 199 негативни одговори, добив порака од доктор Маитр од „Џон Хопкинс“ кој ме повика на состанок. За среќа бев спремен и нему и на доктор Чен им должам многу.
Што мислиш за тоа дека науката ти помогна да станеш славен?
-И понатаму ми е чудно тоа што луѓето знаат кој сум. Мојата основна цел беше да направам едноставен и евтин сензор што ќе го детектира ракот на панкреас. Многу сум среќен дека сум познат токму поради примена на науката.
Што е следно?
-Работам на нов проект и сега за сега не оди лесно. Професорите и понатаму ме одбиваат и не ме примаат во своите лаборатории и велат дека незнам доволно. Претпоставувам дека повеќето од нив не го ни прочитале мојот предлог и дека се откажуваат штом прочитаат „средношколец“ на хартијата. Убеден сум дека упорноста на крај ќе се исплати.
-Тестот на Џек е 168 пати побрз во откривање на ракот од оние кои моментно се користат
-Новиот тест е 26 000 пати поевтин
-Се смета дека тестот е 100% прецизен