Чудни времиња: Порано девојчињата влегуваа во пубертет на 11 години, а денес на 7… Зошто?

Во секојдневните муабети често ќе спомнеме дека денешниве деца се многу напредни. Притоа често мислиме и на физичкиот развој, но не секогаш во позитивна конотација.

Во последните 20 години, научниците се обидуваат да откријат на што се должи феноменот на прераниот пубертет кај денешните деца, посебно девојчињата. Растот на градите, кој во претходните генерации типично започнуваше на возраст од околу 11 години, сега почнува веќе од 7, а кај некои девојчиња и во 4-тата година. Експертите стравуваат дека ваквото избрзување може да го зголеми ризикот од рак или други болести во текот на животот.

Причината за прераниот пубертет е предмет на истражување во научничките кругови. Сепак, гојазноста се наведува како еден од главните фактори. Имено, степенот на гојазност се дуплирал во последните три децении – само 8% од децата на 6 до 11 години биле гојазни во 1980-тата, за разлика од 18% од децата во 2012-та година.

puberty-blues-image-puberty-blues-36485111-960-639[1]

Најновите студии сепак сугерираат дека не може целата вина да се препише на гојазноста. Се смета дека стресот во семејството, како и изложеноста на хемикалии во модерното опкружување, исто така, имаат важна улога во сé пораната појава на пубертетот. Ова важи и за момчињата, кај кои е востановено дека во пубертет влегуваат од 6 месеци до 2 години порано од она што би требало.

Клиничките професионалци велат дека раниот раст на градите кај девојчињата не му штети на физичкиот развој на телото. Но, психичките ефекти се многу силни. Раниот пубертет, имено, го зголемува ризикот од депресија и сексуално злоставување, како и за порано влетување во сексуални односи.

Од биолошки аспект, пубертетот, без разлика дали се јавува порано или подоцна, започнува во мозокот. Па така, безбедно е да се заклучи дека некој од горенаведените фактори всушност го предизвикува мозокот да го продуцира хормонот гонадотропин, кој потоа ја активира хипофизата. Хипофизата пак, испраќа сигнали до јајниците да излачуваат естроген. Генерално, менструацијата започнува две години подоцна. Меѓутоа, јајниците не се единствениот дел од телото каде што се создава естроген. Масните клетки, исто така, го продуцираат овој хормон, па јасно е зошто пубертетот започнува порано кај гојазните девојчиња. Патем, кај нив, и менструацијата почнува 3 месеци порано, што значи дека и пубертетот трае подолго.

Пол Капловиц, педијатар-ендокринолог на Детскиот национален здравствен центар во Вашингтон, вели дека најзначајниот медицински ефект на раниот пубертет е тоа што девојчињата се подолго изложени на дејството на естрогенот. Тоа го зголемува ризикот од настанување на карцином на дојка, иако нема официјално потврдени податоци дека раниот почеток на менструацијата предизвикува сличен проблем.

– Можните ефекти по здравјето се веројатно минимални, или барем еднакви со оние на останатите ризични фактори, како генетиката, алкохолот и недостатокот од физичка активност, вели Капловиц.

Френк М. Биро од Детската болница во Синсинати, пак, го поминал целиот живот истражувајќи го пубертетот. Според него, најголемата последица на раниот пубертет е неговиот ефект врз психосоцијалната состојба, бидејќи, како што вели, раниот пубертет не соодветствува со психофизичката зрелост на девојчињата.

early-puberty[1]

Лиза Ексглед и нејзините колеги од болницата Rigshospitalet во Копенхаген, направија студија врз 2.000 девојчиња и открија дека оние со вишок килограми порано влегуваат во пубертет, но и дека речиси ист (или нешто поредок) е и случајот на ран пубертет кај девојчињата со нормална телесна тежина. Тоа оди во прилог на долгогодишните сомневања на научниците дека освен гојазноста, на пубертетот влијае и изложеноста на одредени хемикалии: пестициди, бисфенол А и други супстанци кои ја попречуваат работата на ендокрините жлезди и можат да послужат како тригер за прераното влетување во светот на возрасните. Но, и тука има удел гојазноста, бидејќи овие хемикалии во најголем дел се складираат токму во масното ткиво.

Од друга страна, некои научници најдоа индикации дека особено е важен стресот во раното детство. Посебно се истакнува отсуството на татко и неговата улога во созревањето – ваквите стресни ситуации често се поврзани со раното влегување во пубертет.

Првиот чекор кој мајките можат да го направат за да спречат преран пубертет кај своите деца е да ги дојат. Тоа е потврдено во една нова студија во која учествувале 1200 девојчиња и нивните мајки. Истражувањето покажува дека децата кои биле доени подоцна влегле во пубертет т.е. на девојчињата подоцна им растеле градите.

Вака или така, факт е дека мноштво фактори влијаат на почетокот на пубертетот кај младите девојчиња. Друг факт е дека трендот на сé поран пубертет продолжува. Дали и колку ќе се симне границата за влез во пубертет се прашања по чии одговори научниците сé уште трагаат. Во меѓувреме, едногласно се сложуваат дека ако веќе децата се осудени на ран пубертет, намалувањето на вишокот телесна тежина е еден од чекорите кој ублажување на последиците.

- Реклама -