Чудната приказна на млекото што не се расипува

Млекото, генерално, не е прочуено по својот долг рок на траење. Дури и млекото што е пастеризирано, при што многу од бактериите природно присутни во него умираат, може да се расипе за 10-15 дена во фрижидер. Но во последниве 50-60 години, полиците во маркетите се преплавени со млеко што трае не денови, не недели, туку месеци и месеци без да биде чувано во фрижидер. Ова млеко поминало интересен третман, со дел видливи, ама и дел помалку видливи ефекти.

UHT млеко vs. пастеризирано млеко

Се работи за UHT, т.е. ultra-heat-treated (третирано со ултра топлина) млеко. Процесот кој води до вакво млеко е многу пократок отколку вообичаената пастеризација. Наречена според Луј Пастер – пионерот зад идејата, пастеризацијата има за цел да ги убие бактериите на туберкулоза и неколку други што предизвикуваат болести. Се прави така што млекото се загрева на 72ºC на околу 15 секунди. Процесот не ги убива сите бактерии, но сé додека млекото се чува во фрижидер и се конзумира брзо, тие не се особено штетни.

Најголем дел од млекото што се пие во САД, Австралија и Нов Зеланд е од типот на пастеризирано млеко.

Од друга страна, во многу од европските земји, норма е UHT млекото. Ова млеко е третирано на двојно повисока температура – 140°C, во период од само три секунди. Високата температура си ја завршува задачата речиси инстантно, убивајќи ги сите бактерии и најголем дел од бактериските спори кои можат да преживеат на пониски температури. Бидејќи е речиси стерилно, сé додека е спакувано во асептичен контејнер (сад), млекото трае и трае. Отсуството на бактерии значи дека нема расипување, барем сé додека пакувањето не се отвори.

Ама и со UHT млекото не можете да правите баш што сакате. Дизајнирано е да трае на температура од 20-30 степени, па ако патува преку екваторот и заврши на особено жежок брод, или ако заглави во некое стовариште на високи температури, дел од преостанатите спори на бактериите можат да се активираат и да создадат проблеми. Тогаш се случуваат чудни нешта. Млекото може да се претвори во гел, па кога ќе пробате да го сипете да изгледа повеќе на паста или на јогурт, или да има грутки.

BBC Future истакнува дека карактеристично за UHT млекото е и тоа што е нешто посветло, т.е. побело од пастеризираното.

UHT млекото во Европа

Според Хилтон Дит – професор и експерт по млеко и млечни производи на универзитетот во Квинсленд, UHT млекото е сеприсутно во Кина. Веќе неколку години, потрошувачката таму расте за околу 10% годишно. Денес количините на вакво млеко во Кина се огромни. Порастот на производството на млеко во Австралија, Нов Зеланд, Германија и други, е потикнат, во добар дел, токму од увозот на долготрајно млеко во Кина.

Но од друга страна, како што предупредуваат дел од хрватските земјоделци, особено земјоделскиот сајт Agroklub.com, во моментов се случува поплава со вакво млеко на пазарите во земјите кои се повеќе на опашката на Европа, меѓу кои и Хрватска (читај: а и Македонија). Велат дека напливот на пазарите се случува затоа што европските производители, кои (со оглед дека ЕУ немаше поставено ограничување на производството) во големи количини произведуваа и продаваа млеко во Кина и Русија, сега немаат каде да го продадат. Кина од скоро го намали увозот, а заради санкциите кои ЕУ ѝ ги наметна на Русија, се затворија вратите за продажба на огромна количина млеко.

UHT млекото е само „добро спакувано ѓубре“

Хрватските млекари се загрижени и околу самиот квалитет; неколку хрватски производители за Agroklub тврдат дека UHT млекото (тоа што доаѓа на нашиве пазари) воопшто и не е вистинско млеко. Според нив, тоа е ултрахомогенизирано и згуснато старо млеко со лош квалитет. Но, велат тие, Европа мора да се реши од вишокот, „а вишокот обично е оној со најслаб квалитет“. „Млекарите кои произведуваат такви производи во Европа се одлични млекари, но тие мораат да ги продадат и своите нуспроизводи и непродадени количини“, пишува Agroklub.

Околу ознаката „UHT“ и пакувањето

Иако тврдењата дека UHT млекото не е млеко се веројатно претерани, и не се баш поткрепени, млекарите како аргумент го користат постоењето на закон во западноевропските земји, кој наложува дека на амбалажата јасно мора да биде назначено дека се работи за „UHT“ млеко. Јожо Шутало – претседател на Здружението на мали млекари, потврдува дека своевремено тие се избориле за таков закон и во Хрватска, но дека дури и да постои и денес, во пракса не се применува.

Тоа е очигледно и на пакувањата на дел од млекото што доаѓа од Хрватска на нашите полици. За разлика од Германија, каде UHT млекото е означено со големи букви и е јасно видливо на пакувањето, на овие простори го пишува само со ситни букви, и тоа некаде на работ. Во примерокот што нам случајно ни се најде при рака (во фрижидер, де), ознаката UHT стоеше само во делот на англиски; на другите јазици единствено беше спомнато „трајно“. На сликата во продолжение ќе видите и друг пример. За споредба, тоа на сликата погоре беше пример од Британија.

Во Германија и другите развиени земји, исто така, UHT млекото не стои на истите полици со обичното пастеризирано млеко.

Се работи за принцип

Не дека UHT млекото е посебно штетно или опасно, барем не колку што знаеме, ама сепак, како што вели еден од млекопроизводителите за Agroklub, потрошувачите треба да бидат подобро едуцирани и да знаат што всушност им се нуди. А дали ќе го купат, тоа да биде целосно нивна и едуцирана одлука.

Извори: BBC, Agroklub

 

- Реклама -