За незаборавната сцена во која трагачот Хју Глес (Леонардо Ди Каприо) е нападнат од мечка – во оскаровскиот кандидат The Revenant, заслужни се (нормално) Леонардо ди Каприо, неговиот дублер, специјалните ефекти и каскадер во син костум.
Овој последниов се вика Глен Енис. Има 51 година и претходно има работено и на други големи наслови, меѓу кои и Freddy vs Jason и Watchmen. Тој е мечката што во „Повратникот“ ќе го распарчи Глес речиси до смрт.
„На пробите носев син костум со мечкина глава. Очигледно, тоа не се гледа во филмот – момците од одделот за специјални ефекти се погрижија на мое место да обојат мечка. Инариту беше решен и настојуваше сината мечка да се движи исто како што би се движела и вистинската и беше особено важно да ги има истите суптилни карактеристики што би ги имала и вистинската. Мораше да биде што е можно поавтентично“, вели Енис.
По изгледани куп видеа од напади на мечки, со цел да ги проучи нивните најдетални движења, Енис заклучува дека тоа изгледа исто како кога „мачка си игра со глушец“. За клучна референца за сцената е земена вистинска снимка од една германска зоолошка, кога пијан човек влезе во кафезот на мечките (ако имате силен стомак за ЕКСТРЕМНО БРУТАЛНО видео, можете да го погледнете тука). ПС. Замислете само колку пати морал да го гледа Глен Енис.
Во филмот, откако е сериозно повреден, Глес почнува да глуми дека е мртов, за да избегне мечката да го докрајчи. Експертите по преживување се согласуваат дека ова веројатно би било најефективниот начин на справување со таква ситуација.
Наведената сцена во The Revenant предизвика контроверзии уште пред воопшто некој да го гледа филмот, а особено гласините дека ликот на Леонардо ди Каприо е силуван од мечката.
„Ваљда тоа го измислија луѓе што немаат свои животи, претпоставувам. Поминав многу часови тркалајќи се со Лео, ама сé тоа беше со согласност“, се шегува Енис.
…Мечка или не, The Revenant има 12 номинации за Оскар, вклучувајќи и за најдобар филм и за најдобра машка улога.