По мало намалување на темпото на објавување на нелегално снимени разговори со цел политичко оцрнување на противникот во рамките на изборната кампања, денеска објавени се 4 нови снимки.
На Јутјуб профил „Обнова на РЕЖИМОТ“ објавени се две аудио парчиња од (наводно) разговор на Миле Јанакиески и Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ. Зборуваат за листи на вработени и несовпаѓања на „бележаните“. Во една од снимките, Јанушев во слободен разговор вели дека на нивна соработничка „ќе ѝ дае еден бокс у фаца“.
Интересно за овие две аудио парчиња е што не се снимени од еден од соговорниците, туку се работи за прислушкуван разговор.
Од „другата страна“, на Јутјуб профил „Бране Капитал“, објавени се две аудио парчиња против Зоран Заев. Се чини дека се дел од истиот разговор од кој и претходно излегоа исечоци, а е снимен од неговиот соговорник, кому во снимките му е мутиран гласот.
Во едното парче, Заев вели дека ја преземал СДСМ и дека сам ќе ја финансира, а Бранко (Црвенковски) не му е потребен. Соговорникот му вели дека го „потценува човекот“ и дека Црвенковски има големо влијание во партијата.
Другата снимка е уште пократка. Соговорникот му вели на Заев „што се милион за тебе“, а потоа се слуша Заев како вели дека има 8.5 милиони евра капитал.