„Честито на Бугарија“: Владата одобри универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново да отвори филијала во Македонија

На денешната 71-ва седница, Владата ја усвои Одлуката за одобрение за вршење на високообразовна дејност на странска високообразовна установа – Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на Македонија.

Ваквата одлука на Владата на РСМ пред неколку дена, на бугарското Национално радио, ја најави ректорот на Великотрновскиот универзитет – проф. Христо Бонџолов, кој изјави дека имал телефонски разговор со премиерот Зоран Заев во кој му била потврдена информацијата.

„Разговарав телефонски со премиерот на Република Северна Македонија – Зоран Заев, и тој ме увери дека следната недела, на седница на Владата на Република Северна Македонија, ќе биде донесена одлуката да се отвори филијала на Универзитетот Велико Трново ‘Свети Кирил и Методиј‘ на територијата на Република Северна Македонија. Ќе се обидеме заедно – Бугарија и Република Северна Македонија, да ги изградиме уништените мостови“, изјави тогаш Бонџолов.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

По одлуката на Владата, од великотрновскиот „Св. Св. Кирил и Методиј“ не ја кријат радоста.

„ВЕСТ ОД ПОСЛЕДНИТЕ МИНУТИ: Честито на Великотрновскиот универзитет и на Бугарија! Денес владата на Република Северна Македонија официјално донесе решение за отворање на филијала на Великотрновскиот универзитет во Северна Македонија! ВТУ ‘Св. св. Кирил и Методиј’ е првиот странски универзитет кој ќе има филијала во земјата!“, пишува на Фејсбук профилот на универзитетот (од каде се земени и фотографиите), каде е наведен и линкот до одлуката на Владата.

Како што претходно објавија бугарските медиуми, филијалата ќе биде отворена по тригодишни преговори меѓу Универзитетот во Велико Трново и Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин” во Свети Николе.

- Реклама -