„Хрватска е фаворит, но Македонија го има неуништивиот Кире Лазаров“, пишува хрватски „Индекс“. Кире е опишан како еден од најдобрите голгетери во историјата на ракометот, а односот меѓу него и Лино Червар, со кого со години соработуваа, и денес е полн со меѓусебна почит, пишува порталот.
Во најавата за денешниот натпревар Червар го потврди тоа, нарекувајќи го Кире Лазаров најдобриот играч кој некогаш го има тренирано во кариерата. Оваа изјава на Червар има посебна тежина кога ќе се земе во предвид дека за многумина (посебно Хрватите) ги има тренирано најголемите на сите времиња, како Иван Балиќ, Метличиќ, Џомба, Ласковиќ, Дувњак…
„Обично не издвојувам поединци, но Кире Лазаров е исклучок. Тој е најголемиот кој некогаш го имам тренирано во својата кариера. Додека кај другите спортисти со текот на годините спласнува мотивацијата, кај него расте. Тој секогаш сака повеќе, подобро и има неверојатен победнички менталитет. Многу е талентиран, но неговиот успех е комбинација од самопожртвуваност, тренинг, креативност, трпение и победнички карактер. Јас сум неговиот прв странски тренер и го знам од почетокот. Тој е пример за тоа како младите играчи треба да ја продолжат својата кариера“, го пофали Червар.