Чернева: Имињата на бугарските клубови се за провокација, а не за подобрување на односите

Секое влошување на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не само што го оневозможува вклучувањето на Бугарите во уставот, туку е во интерес на руските цели на Балканот, смета Весела Чернева – заменик-директорката на Европскиот совет за надворешна политика и советничка на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков.

Чернева во изјава за БТВ ја посочува одлуката на бугарското Народно собрание од 24 јуни лани, кога пратениците усвоија листа услови за односите со Скопје за кои требаше да почнат разговори, но наместо тоа се случило спротивното.

Таа смета дека односите меѓу Софија и Скопје ќе ги регулира Брисел кога ќе почнат преговорите за членство на земјава во унијата.

„Европската унија ќе влезе во својата улога на контролно тело кога Северна Македонија ќе ги почне преговорите. Северна Македонија сè уште не почнала да преговара во ЕУ, бидејќи имаше еден услов – Бугарите да бидат вклучени во уставот. Тоа сѐ уште не е направено“, истакна Чернева.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

За да се постигне оваа промена, според неа, мора да има соодветен амбиент, а во моментов се забележува ескалација.

„Двете страни се виновни. Ако нè интересира судбината на Бугарите во Северна Македонија, задача на Бугарија е
да создаде поволни услови за да можат многу брзо да ги добијат правата што ги сакаме“, смета Чернева.

Грешката на Бугарија, како што посочува, е и во имињата на овде отворените културните клубови, чија цел, како што вели, е да провоцираат, а не да ги подобрат односите.

„Тоа е направено за да провоцира другата страна. Кога отворате клуб за да биде мост за затоплување на односите, не го правите тоа за да ја навредува другата страна“, изјави Чернева. 

Извор: МИА

- Реклама -