Анкара, 23 август 2022 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Турција – Мевлут Чавушоглу, изјави дека меѓу земјите од Западот и НАТО има и такви кои не сакаат да заврши војната во Украина.
Тој не сакаше да прецизира за кои земји станува збор, но посочи дека „генералниот секретар на ОН добро го знае тоа“.
„Има држави на Западот кои сакаат војната да продолжи, вклучително и земји-членки на НАТО. Јас не мислам само на САД, мислам на земји-членки на НАТО“, рече Чавушоглу, пренесува ТАСС.
Според шефот на турската дипломатија, имало земји кои сакале да го саботираат договорот за извоз на житарици од украинските пристаништа, но прецизираше дека не биле САД во прашање.
„САД придонесоа за склучување на договорот за житарици, вклучително и укинување на ограничувањата за извоз на руско ѓубриво, деблокирање на пристаништата и укинување на ограничувањата за банкарското работење“, рече Чавушоглу.
Тој изјави дека имало и европски земји кои сакале да го саботираат договорот.