Доха, 5 ноември 2021 (МИА) – Катарскиот фудбалски клуб Ал Сад конечно ги договори сите услови со Барселона и веќе нема пречки Чави Ернандез (41) да седне на клупата на каталонскиот клуб во кој остави длабока трага како фудбалер.
Ал Сад изминатите денови ги одолговлекуваше преговорите со Барселона, но договорот конечно е постигнат и легендата на Барселона се враќа на Ноу Камп, во тимот со кој како фудбалер освои 25 трофеи.
– Ал Сад се согласи на трансфер на Чави во Барселона, откако е исплатена клаузулата предвидена во договорот. Со Барселона договоривме практична соработка во иднина. Чави е важен дел од историјата на Ал Сад. Му посакуваме многу успеси во следната фаза од кариерата, соопшти попладнево катарскиот клуб.
Чави на клупата на Барселона доаѓа на местото на Холанѓанецот Роналд Куман, кој минатиот месец доби отказ по серијата слаби резултати.