Едноставните линии и острите агли веднаш паѓаат во око. Со облик на стрела, Тимур Бозка дизајнираше нова суперјахта за која дури и милијардерите можат само да сонуваат, барем засега, бидејќи е сé уште само во фаза на концепт дизајн.
Меѓутоа, порано или подоцна дизајнот ќе се реализира, а јахтата, наречена „Црн Лебед“ ќе располага со лежалки, базен, бар „на плажа“, како и хелиодром. Но тоа е само дел од луксузите што ќе ги нуди суперјахтата. Ќе располага и со две „тераси“ оградени со стакло, за патниците да можат непречено да уживаат во убавините на морето, зајдисонцата или плажите што ќе ги посетат.
Веќе спомнавме, на бродот ќе се наоѓа и вистински бар на плажа, кој ќе содржи шанк, лежалки и базен (кој благо се спушта кој крајот на бродот со цел визуелно да се претопи со морската површина; не сме баш сигурни како дизајнерот планира ова да го изведе, освен со стакло).
Од внатрешноста на јахтата, барот исто така ќе го дели стаклен ѕид, за да не се попречува глетката и уживањето на патниците, како на тие внатре, така и на тие надвор на палубата.
До хеликоптерот, пак, се доаѓа од внатрешна страна, преку затворен лифт. Сé со цел бродот да има што поедноставен, и со тоа поелегантен изглед (читај: да нема надворешни скали).
Малку околу ентериерот: Црниот лебед ги користи темните бои каде и да стигне – од црната надворешност, па до земјените тонови во внатрешноста и собите.
А во собите, кои се луксузни и ги има такви 7, Црниот Лебед може да пренесува до 12 патници.
Како што вели дизајнерот Бозка, јахтата би била придвижувана од 4 мотори со моќ од околу 23.000 коњски сили. Тоа би овозможило брзина од 28 чвора, т.е. околу 50 км/ч. За да ги храни овие огромни мотори, јахтата ќе носи и 183.000 литри гориво.