„Чадот“ од оџаците на Цементарница УСЈЕ е водена пареа, а не ПМ честици

Зачестените поплаки од граѓаните и низата фотографии на социјалните мрежи од чадот (?) од оџаците на Цементарница „УСЈЕ“ надвиснат над градот, доведоа Државниот инспекторат за животна средина да поднесе барање за вршење на инспекциски надзор и утврдување на состојбата во компанијата.

Од друга страна, од УСЈЕ ги демантираат обвинувањата за загадување, потенцирајќи дека „чадот“ што граѓаните го гледаат е всушност водена пареа која е повеќе видлива за голо око поради пониските темератури. Како што истакнуваат од компанијата, во текот на летниот период, кога УСЈЕ работи со многу поголем интензитет, концентрацијата на ПМ честичките во градот е многу пониска, што јасно сугерира дека зголемувањето на истата не е директно поврзано со работењето на УСЈЕ.

Од УСЈЕ посочуваат и дека уште од 2011-та поседуваат А-Интегрирана еколошка дозвола – документ што наложува работење по највисоките стандарди во областа на животната средина и практично го гарантира строгото почитување и имплементирање на законските обврски, а согласно кој сите активности на компанијата се одвиваат под континуиран независен мониторинг 24/7, 365 дена во годината, но и мониторинг од Државниот инспекторат за животна средина, кој редовно врши контроли на компанијата.

„Сите податоци од мерењата се јавно достапни на страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање и на интернет страницата на компанијата www.usje.com.mk“, и во континуитет покажуваат дека УСЈЕ не само што не ги поминува законски дозволените граници, туку со своето работење е далеку под дозволениот лимит, велат од компанијата.

„Цементарница УСЈЕ со внимание ја следи загриженоста на јавноста за состојбите во градот Скопје и смета дека сите треба да дадеме придонес во решението, особено во лоцирање на вистинските причинители“, стои во соопштението.

- Реклама -