Сакате да патувате но не сакате да трошите многу пари? Овие дестинации ќе ви го овозможат тоа. Некои од нив (како Талин) се дестинации кои дури сега стануваат популарни, додека други (како Даблин) се класични дестинации кои неодамна станале поевтини.
Даблин, Ирска
Зошто во 2011: Банките во Ирска се во криза – земјата неодамна прифати помош од Европската Унија вредна околу 82 милијарди евра – но економската криза создава шанса за тристите: попријателски цени. Место за спиење во Даблин оваа година ќе ве чини 7 проценти помалку од 2009 година. Рестораните исто така имаат пријатни цени, па дури и транспортот е евтин: Dublinbikes, програмата за изнајмување велосипеди, ги издава велосипедите за 1,8 евра за три дена, а изнајмување за под 30 минути е бесплатно. Дури и данокот од 9,5 евра кој патниците го плаќаа на аеордромот во Даблин наскоро ќе биде спуштен на 3 евра со цел да се привлечат туристи.
Лисабон, Португалија
Зошто во 2011: Со либерализацијата на Португалија – Португалија стана шестата европска нација во која е дозволен истополов брак во мај 2010 – главниот град се трансформира во центар за шопинг, уметност и уживање. Неодамна Лисабон се најде на трето место (зад Варшава и Маракеш) на листа на градови во кои луксузот е евтин: во просек, соба во хотел со пет ѕвезди ќе ве чини околу 112 евра по ноќ. Плус, цените на хотелите со четири ѕвезди паднале за пет проценти од 2009 година. И покрај финансиските проблеми, земјата ја има подобрено инфраструктурата, во последниве неколку години се потрошени милиони за подобрување на автопатите и јавниот превоз во Лисабон (дневен билет за метрото чини 3,6 евра).
Талин, Естонија
Зошто во 2011: Пред две децении, оваа мала република беше во Советскиот Сојуз; денес земјата е член на ЕУ (еврото стана официјална валута на 1 јануари) и брзо станува едно од најпопуларните туристички дестинации во Источна Европа. Талин долго време бил во сенка на блиските (и многу поскапи) дестинации како Хелсинки и Санкт Петерсбург, но главниот град на Естонија нуди сè од неверојатна архитектура (особено катедралите и средновековниот Стар Град) до модерни ретсорани и активен ноќен живот. На први јануари во Талин започна богат културен распоред кој ќе трае цела година и кој опфаќа над 7000 настани – концерти, фестивали, изложби – за прослава на титулата Европски Главен Град на Културата за 2011.
Шангај, Кина
Зошто во 2011: Шангај во моментов е еден од најевтините градови во Кина. Поради Светскиот Саем кој се одржа таму минатата година, градот беше обновен – 33 милијарди евра беа потрошени за нови патишта и железнички линии, и стана лесен град за посетување дури и ако не разбирате кинески. За време на обновата над 100 нови хотели беа додадени во градот, па сега откако заврши саемот и се намали побарувачката за соби градот е исполнет со ниски цени; цените на собите паднаа и до 47 проценти од октомври до ноември 2010 година, и хотелите со пет ѕвезди ги симнаа цените на просечни 145 евра од претходните 245 евра. Плус, Шангај е еден од ретките градови во Кина кои се поврзани со брз воз со дестинации како Нанџинг, дом на неколку стари Будистички храмови и Хангжу, локацијата на неверојатното Западно Езеро.