Роберто ди Матео ќе остане на кормилото на Челзи и во следната сезона, откако Роман Абрамович се решил да му ја додели менаџерската функција по неуспешните преговори со Пеп Гвардиола.
Рускиот милијардер не криеше дека сака токму поранешниот стратег на Барселона да го предводи Челзи, но неможноста да го убеди младиот каталонец да ја прифати неговата понуда го принуди Абрамович да се откаже од оваа намера.
Во една таква ситуација, првиот човек на Челзи не сакаше премногу да менува во однос на стручниот штаб што му го донесе трофејот во Лигата на шампионите. Во текот на следната недела Ди Матео ќе се врати од својот годишен одмор и ќе се сретне со Русинот, од кого најверојатно ќе му биде понуден само двегодишен договор.
Најавите од Островот говорат дека Ди Матео ќе ја прифати оваа понуда, но ќе бара извесни гаранции дека ќе остане на функцијата најмалку една година, со што би се осигурал од опасноста во блиска иднина да биде наследен од Гвардиола, откако каталонскиот стратег „добро ќе се одмори“.
За очекување е дилемите околу менаџерската функција во Челзи да бидат разрешени најдоцна за десетина дена, а управата на клубот во меѓувреме ги продолжува преговорите за засилување на играчкиот кадар. По договорените трансфери на Марко Марин и Еден Азар, актуелниот европски првак настојува што поскоро да го комплетира трансферот на Хулк од Порто, по што ќе стартуваат преговори за уште најмалку еден напаѓач и еден крилен фудбалер.
Објавено во соработка со Екипа.