Оскарот на Казабланка повторно на аукција

Оскарот за филмот Казабланка што го освои режисерот Мајкл Кертис, утре повторно ќе се продава, а статуетката ќе се најде на аукцијата на куќата „Сендер“ во Лос Анџелес.

Илузионистот Дејвид Коперфилд ја купи оваа статуетка во 2003 година, по цена од 231.500 долари, на продажбата што ја организираше аукциската куќа „Кристи“. Не е соопштено името на лицето што сега го продава оскарот.

Оскарите во последно време ретко стигнуваат на аукција, откако во 1950 година добитниците и Американската филмска академија потпишаа договор, со кој забрането е тие да се продаваат на кој било друг, освен на член на Академијата, и тоа по точно утврдена симболична цена од еден долар.

Од оскарите доделени пред 1950 година, неколку статуетки се најдоа на аукација во изминатите неколку години, меѓу кои се и оскарот за најдобро сценарио на Ѓраѓанинот Кејн, како и тој за најдобар филм на Однесено од виорот.

Казабланка се смета за една од најголемите романси некогаш прикажани на филмското патно, а во ова култно остварување главните улоги ги толкуваа Хемфри Богарт и Ингрид Бергман.

Организаторите очекуваат статуетката да се продаде по цена од околу 3 милиони долари.

- Реклама -