Вчера на МТВ премиерно беше емитуван видео спотот за песната „Here I Stand“ со која Васил (Гарванлиев) годинава ќе нѐ претставува на Евровизија. За кратко, спотот, како и многу други случувања во земјава, важни и неважни, ја подели јавноста, откако граѓани револтирано реагираа дека во спотот никаде ги нема боите на Македонија, но затоа е претставено… бугарското знаме.
Спотот е сниман, во голем дел, во Даут-пашиниот амам во Скопје, и навистина, на двапати во видеото, се појавува експонат кој многу потсетува на бугарското знаме (доколку би било вертикално поставено). Иако истиот е во втор план, поради големината но и поради колоритот, добива значителен простор во кадарот и неизбежно паѓа во очи (на 1:11 и 2:09 секунди).
„Веста“ стигна и до соседите, па бугарските медиуми, едни како информација, други саркастично, како уште еден доказ за „антибугарската хистерија“ во Македонија, пренесуваат дека во спотот имало бугарско знаме.
Зачин во таквата манџа дотури и европратеникот Ангел Џамбаски, како одговор на реакцијата на Петар Богојески од „Македонски концепт“, кој посочените кадри во спотот ги оцени како „скандалозни“. Па така, Џамбаски се исмева со Богојески дека доцна му станало јасно дека тоа не е бугарско знаме, туку „слика која ги содржи боите на родниот трибагреник (*како што Бугарите го нарекуваат своето знаме), па уште и го посочува очигледното, дека боите на знамето на Бугарија се хоризонтални.
„ТОА Е ТАЖНАТА РЕАЛНОСТ ВО РСМ“
Според Џамбаски, реакциите за спотот (вклучително и на Богојески) „ја илустрираат тажната реалност во РСМ“, која според него гласи „вовлечи ја Бугарија во скандал или воопшто не ја спомнувај“.
Но Џамбаски порача и дека на спорните кадри во спотот, според овдешната логика, може да се гледа и од спротивна, бугарска перспектива (притоа, којзнае, можеби заканувајќи ни се со вето за песната за Евровизија?) – имено, дека вклучувањето на бугарското знаме во македонскиот спот е територијална претензија… За разлика од осмомартовската честитка на неговиот лидер и сопартиец, нели…
ГАРВАНЛИЕВ: ЛУЃЕТО СТВАРНО САКААТ ДА ПРАВАТ СКАНДАЛИ БЕЗ ПОТРЕБА
Нашиот евровизиски претставник, пак, негира било каква политичка конотација на спотот.
„Аман, па луѓето стварно сакаат да прават скандали без потреба и сакаат да прават драми. Ова нема никаква врска со Бугарија, така што, пуштам љубов и позитивна енергија и прекрасна музика на сите“, изјави струмичанецот Васил за „Репортер.мк“.
„Луѓето си коментираат и секогаш ќе коментираат, но за мене тоа не значи ништо. Од тој аспект дека дали е знаме, не е бугарско знаме. Тоа е дел од изложбата на Даут-пашиниот амам и тоа е тоа, да се фокусираме на убавите нешта“, коментира тој и за „Канал 5“.
„Нека им е. Спотот се снимаше во Даут-пашиниот амам, и многу сум горд што Дита (* Дита Старова Ќерими – директорка на галеријата) ми дозволи да снимам таму. Во галеријата има прекрасна поставка од уметнички дела и никој инволвиран во спотот не смееше да прави било каква интервенција врз нив. Спотот изобилува со музика и уметност, прикажани преку музичарите во спотот и делата на македонски автори изложени во Даут-пашиниот амам. Делото околу кое се ‘крена прашина’ е креација на авторката Жанета Вангели и е инспирирано од Исус Христос. Бугарското знаме е хоризонтално, а ова дело нема никаква врска со него. Впрочем истите бои на знаме ги имаат и други држави во светот, но никој не реагираше за тоа. Јас лично не гледам во делото ништо освен прекрасна креација на уметницата Вангели“, дообјаснува Гарванлиев во изјава за „Слободен печат“.
ОРИГИНАЛНОТО ДЕЛО НЕ ИЗГЛЕДА КАКО ЗНАМЕТО НА БУГАРИЈА
И навистина, се работи за дело на Жанета Вангели (македонска сликарка, уметник, но и професорка, родена во Битола во 1963 година), и тоа за Омаж на Андреј Рубљов од 1995 година, кое е дел од Постојаната поставка на Националната галерија на Македонија, изложена во објектот Даут-пашиниот амам.
Меѓутоа, како што може да се види од неколку објави на Националната галерија, редоследот на боите во оригиналното дело (бела, црвена, зелена) е поинаков од оној во спотот на Васил (бела, зелена, црвена), кој соодветствува со бугарското знаме.
Делото не потсетува на бугарското знаме ниту на фотографијата од Даут-пашиниот амам, поставена на официјалниот вебсајт на Општина Чаир (под чие подрачје е), во објава од ноември 2018 година.
Ваквите разлики ги посочи и новинарот на „Телма“, Боби Христов.
Меѓутоа, објаснување за ова, барем делумно, стигна од самата галерија. Во изјава за „Канал 5“, тие посочуваат дека се работи за триптих (уметничко дело во три секции, од три дела, односно три уметнички дела кои претставуваат една целина) и дека боите од време на време ја менуваат положбата, односно редоследот. Така, на пример, велат од таму, ако галеријата сте ја посетеле денеска, ќе сте виделе дека делото е повторно различно поставено од тоа како што било кога се снимал спотот. Од друга страна, тие немаат одговор зошто/како се случило токму за спотот делото да е поставено налик на бугарското знаме.
БАДЕР-МАЈНХОВ ФЕНОМЕН?
И покрај тоа што кога не би постоел спорот со Бугарија експонатот во спотот на Васил веројатно не би бил тема, затоа што сѐ би алудирало дека се работи за случајност, дел од граѓаните сѐ уште не прифаќаат дека во евровизиското видео на нашиот претставник нема политичка заднина. За волја на вистината, во последните години бевме сведоци на низа „случајности“ од сличен калибар.
Од друга страна, постои и нешто што се вика Бадер-Мајнхов феномен, односно „илузија на честост“ (Frequency illusion). Се работи за когнитивна појава, односно когнитивна пристрасност, при која, откако ќе забележите нешто за првпат, имате тенденција да го забележувате сѐ повеќе и повеќе. Тоа, пак, ве наведува до заклучок, односно илузија дека истото е честа појава, или се случува сѐ почесто, иако тоа не е случај. Накратко, се работи за илузија дека одреден концепт или некое нешто одеднаш почнува да го има насекаде.
Оттаму, со актуелизацијата на спорот со Бугарија и млаките одговори на жестоките бугарски провокации, не е ни чудно граѓаните сѐ почесто да го забележуваат знамето на Бугарија и каде што го нема. Од друга страна, постоењето на Бадер-Мајнхов ефектот не е гаранција дека сѐ тоа е случајност.