Бугарскиот екс-амбасадор во земјава пишува: РС Македонија опстана зашто семката ѝ е бугарска

„Политичарите кои го користат терминот ‘заедничка историја’ во контекст на денешните бугарско-македонски односи да не заборават дека таквата историја создава само заеднички народ. Компромиси можат да се прават во сегашно време и во однос на денешната политичка реалност, но не и во однос на историјата. Зашто тоа е минато свршено време“, пишува на Фејсбук Александар Јорданов – актуелен бугарски пратеник во Европскиот парламент, а поранешен амбасадор на Бугарија во Македонија во периодот од 2001 до 2005 година.

Во постот инспириран, како што самиот вели, од фактот дека заедничката бугарско-македонска ја продолжила работата, Јорданов пишува дека компромис од бугарска страна би било ако прифатат дека „дел од денешните граѓани на РСМ се самоопределуваат како Македонци и се убедени дека немаат ништо заедничко етничко и национално“ со Бугарите:

„Компромис е ако ги затвориме очите пред сета содржина што тие ја подразбираат под концептот ‘македонец’; географска – како добруџанци, тракијци и мизијци, или историска – ‘деца’ на Александар Велики и неговите другари. Ние ги прифаќаме такви какви што се самоопределуваат денес, со Уставот кој сами си го усвоиле и кој непрестано го ремонтираат. Тоа е нашиот компромис.

Но, не е морално и научно да прифатиме политика која цели да ја промени народноста и националната самоопределба на одамна починати луѓе. Не можеме да го направиме тоа зашто станува збор вклучително и за светли историски личности – револуционери и просветители, научници, писатели и политичари, родум од денешната територија на новата држава, кои многукратно додека биле живи ја декларирале својата бугарска народност и нацинаонален идентитет“, пишува поранешниот бугарски амбасадор во земјава.

Според него, овие личности биле многу образовани за тоа време и одлично го познавале својот идентитет, изјаснувајќи се како Бугари „во време кога за тоа биле потребни храброст и смелост“.

Концептот на „заедничка историја“ не може да ги промени историските факти. А такви се, според Јорданов, на пример, дека Илинденското востание од 1903 година било бугарско востание против османлиската власт (при што цитира весници од тоа време кои зборуваат за Бугари), дека Македонија во тоа време била населена од Бугари, дека народните песни собрани од браќата Димитар и Константин Миладинови од Струга исто така се бугарски иако во најголем дел потекнуваат од територијата на денешната РС Македонија, дека Јордан Хаџиконстантинов – Џинот се декларирал како Бугарин, и дека Велес (градот каде е роден) во југословенско време бил населен со македонски Бугари. Според Јорданов, факт е и дека АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија) од 1944 година е всушност „антинародно, комунистичко и пројугославско“, а дека по овој „настан од македонската историја“ антибугаризмот станува официјална државна политика, која се одразува со масовни убиcтва и репресии врз Бугарите. Поради стравот од УДБА, тврди тој, многу македонски граѓани повеќе од половина век не смееле дури ни на своите деца да им ја признаат вистината за своето и бугарско потекло на своите предци.

„Но, дали Македонците ги тероризираа македонските Бугари во Македонија? Архивските документи, како и старите весници, велат дека нашите сонародници биле убивани и тероризирани од безродници. Тоа биле главно комунисти и србомани. Денешните Македонци постепено ќе ја научат оваа вистина. И време е – пред нив е. Во спротивно, нема да има Европска унија за нив. Ако тоа го стореа порано, немаше да се наложува да го сменат името на државата. Но тоа беше резултатот од нивната силна вртоглавица – новото државно име“, пишува Јорданов.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Според него, апсурден е и спорот за Гоце Делчев, бидејќи повеќе од јасно е дека тој е Бугарин.

„Ако Македонците ги прифатат македонските Бугари за свои предци, тогаш тоа со полно право можеме да го наречеме ‘заедничка историја’. Но, ако тие на ја прифаќаат таа историска вистина, нема како историјата да ни биде ‘заедничка’.

Ако Македонците и ние Бугарите сме различни народи, тогаш секако некогаш меѓу нас, на овие бурни балкански простори, ќе се водела војна. Како што имало бугарско-турски, српско-бугарски, бугарско-грчки, романско-бугарски војни. Но, бугарско-македонска војна нема. И немало како да има, зашто не е возможно еден народ да војува сам против себе. Освен ако не стаснува збор за граѓанска војна. Но и таква немало меѓу Бугари и Македонци. И причината е позната: еден татко не може да ‘направи’ два народа“, пишува Јорданов.

Според него, некаде таму во прастарите времиња постоеле прадедовците на македонските, тракиските, добруџанските и мизијските Бугари. „Ако Добруџанците се Бугари, ако Мизијците и Тракијците се Бугари, зошто Македонците да не се Бугари, како што тврдат денес во Скопје? Зошто тие да се друг, различен од бугарскиот народ? Кога, во кој момент од историјата, се случила таа разлика?“, прашува/аргументира бугарскиот европратеник.

Понатаму во текстот, тој тврди дека македонската нација и македонскиот јазик ги создала Коминтерната, односно српските окупатори, а по нив и македонските комунисти србомани, кои репресирале и затвориле илјадници Бугари, наметнувајќи ја „антибугарската доктрина на македонизмот“.

„Уништувањето на народната и националната меморија секогаш било дел од идеологијата на комунистичките партии. Затоа и се ‘интернационални’. Конкретно во комунистичка Македонија, тоа се правело преку тотално манипулирање и замена на историјата, како и преку активно србизирање на јазикот. За да преживеат физички и да ги спасат своите семејства од репресии, некои македонски Бугари морале да замижат пред лагата дека се друг народ и нација различни од бугарскиот. А тие од нив кои не ја прифатиле лагата навистина жестоко биле гонети и репресирани. За нивните деца е наметната аутсајдерска положба во општеството доминирано од србомани и комунисти. Затворен им е патот кон јавна и професионална кариера. А проповедниците на дивиот антибугаризам ги користеле сите привилегии на комунистичката каста и нејзиниот апарат.

Но, се случи така како што велат македонските Бугари: нашиот Небесен Татко простува, но не заборава. Како Божја казна за репресиите меѓу Бугарите во Македонија, како и за многу други престапи, изградената врз лажната основа на титовизмот и ‘југославското братство’ и доминирана од срспките комунисти – СФРЈ, се распадна и исчезна од картата на светот на начин како што се распадна и исчезна болшевичкиот Советски сојуз. Но, РС Македонија преживеа, зашто семката ѝ е бугарска“, пишува Јорданов.

Цитирајќи стихови од Иван Вазов (роден во „албанскиот дел на Македонија“, како што вели), а која наводно била напишана како одговор кон бугаромрзците и србоманите во Скопје, сакајќи да ги истакне страдањата на македонските Бугари, поранешниот амбасадор во земјава им порачува на бугарските политичари кои „погледот го имаат вперено кон иднината“, дека не смеат да заборават на минатото:

„Зашто нема иднина без минато. И зашто ‘заедничка историја’ создава само еден заеднички народ“, заклучува Јорданов.

- Реклама -