Бугарски разузнавач: Дипломатска грешка е што воопшто се спомнува терминот „македонски јазик“

„Тешко дека некој е изненаден од силната антибугарска кампања во Северна Македонија по одлуката на Бугарија да го блокира почетокот на преговорите. Тоа е природна реакција при осознавање на самозаблудата на некој што очекувал чуда“, вели бугарскиот генерал Димо Гјауров, поранешен директор на разузнавање, во емисијата „Офанзива“ на бугарската „Канал 3“.

Според него, не само македонските политичари, туку и целото македонско општество си мислеле дека ќе замачкаат очи и без многу оптоварување со Договорот за добрососедство ќе им се прогледа низ прсти и ќе стигнат до преговори, поради европскиот и германскиот интерес и ангажмани.

„Според правилата на ЕУ, не може да бидат внесени билатерални спорови во Унијата. Нашата вина е што нашата влада срамежливо се однесуваше кон Република Северна Македонија и не реагираше на неисполнувањето на Договорот за добрососедство. Дури сега се сетивме да покажеме заби“, вели Гјауров.

Како што тврди тој, демократијата во РС Македонија ни најмалку не победила.

„РС Македонија не е подготвена за нормална членка на ЕУ. Бугарија треба во ниту една мера да отстапи од своите позиции искажани во текот на последниот месец“, смета тој.

Во интервјуто, тој тврди дека Македонизмот започнал од 30-тите години на минатиот век, а Георги Димитров и Коминтерната ја продолжуваат таа линија на формирање на македонска нација.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Според Гјауров, „дипломатска грешка на Бугарија е што воопшто се спомнува терминот ‘македонски јазик’ “.

„Важно е да зборуваме за анекс кој ќе биде одобрен од двете страни. Текстот треба да содржи гаранции за иднината. Ако сега го пропуштиме моментот, отвораме можности за понатамошно шпекулирање и посегање по нашата историја и идентитет. Долгото перење на мозоци доведе до сегашните позиции на Северна Македонија и на целото македонско општество“, вели разузнавачот.

Потребни се и дополнителни гаранции дека ќе се исполнува Договорот за добрососедство. Мешовитата историска комисија немаше заседавано повеќе од една година, а и решенијата коишто ги донесе се незначителни. Ако се отстапи од позицијата сега, лична одговорност ќе сносат премиерот Бојко Борисов и Екатерина Захариева. Ако некој има аспирации кон македонската земја, тоа не е Бугарија – идејата за Голема Албанија воопшто нема замрено, тврди тој.

Гјауров истакна дека Северна Македонија е важна и за Европејците и за САД, но тој не верува дека ќе има некаков посебен притисок кон  Бугарија во однос на нејзината позиција кон Македонија.

 

- Реклама -