Бугарија се закани со „одмазднички мерки“ кон Холандија и Австрија ако ѝ стават вето за Шенген

Бугарската Влада е подготвена за одмазднички мерки доколку Холандија и Австрија наметнат вето за влез во Шенген, изјави техничкиот премиер Галаб Донев по средбата со министрите за внатрешни, за надворешни работи и за правда – Иван Демерџиев, Николај Милков и Крум Зарков, јави дописникот на МИА од Софија.

Донев изјавил дека сите мерки ќе бидат насочени и во одбрана на националниот интерес на Бугарија која, како што нагласил, никогаш не се залагала за позиции на поделеност и двојни стандарди во однос на која било земја од ЕУ и која, оттаму, очекува ист став од другите земји-членки.

Според бугарскиот технички премиер, повеќе од очигледно е дека позициите на премиерот на Холандија и на канцеларот на Австрија се диктирани од внатрешно-политички размислувања, а не од фактички идентификувани недостатоци во спроведувањето на шенгенските правила од страна на Бугарија.

Прочитајте и:  ЕУ ги враќа квотите и давачките за увоз на шеќер и јајца од Украина

Донев посочи дека има сомнежи за примена на двојни стандарди, особено од страна на Холандија.

Според него, во својата позиција, канцеларот на Австрија ги истакнал недостатоците на Шенген системот во целина, кои во никој случај не се одговорност на бугарската страна, a  премиерот на Холандија прибегнал кон недостојни сугестии (со изјавата дека бугарската граница може да се помине за мито од 50 евра) кои во Бугарија, како што рече, малку е веројатно дека наскоро ќе бидат заборавени. Тој потсети и на улогата на тројцата бугарски гранични полицајци кои загинаа чувајќи ја надворешната граница на ЕУ во последните три месеци.

Извор: МИА

- Реклама -