Многу се луѓето кои сакаат да ја дознаат иднината. Некои се премногу нетрпеливи за да почекаат да се случи, затоа ги бараат услугите на гатачките и бајачите. Би ги барале и услугите на будистичките монаси, кои важат за врвни гатачи, ама овие одбиваат да соработуваат.
Еднаш, еден долгогодишен ученик на Аџан Ча го замолил големиот учител да му ја предвиди иднината. Аџан Ча одбил: најдобрите монаси не претскажуваат судбини.
Ученикот сепак инсистирал. Го потсетил Аџан Ча колку пати му нудел храна, колку донации за манастирот има направено и како го возел со сопствениот автомобил на своја сметка, запоставувајќи ја работата и семејството.
Аџан Ча сфатил дека човекот нема да се откаже, затоа му рекол дека ќе направи исклучок од правилото.
– Дај ми ја раката. Дај да ти ја видам дланката.
Ученикот се возбудил; Аџан Ча претходно никогаш му немал гледано на дланка на друг ученик. Навистина специјален настан. Покрај тоа, Аџан Ча бил сметан за светец кој поседува необични способности: што ќе каже дека ќе се случи, сигурно ќе се случи.
Аџан Ча почнал да ги следи линиите на дланката на ученикот со показалецот. Од време на време мрморел: “Ооо, интересно” или “Добро, многу добро”, или “Неверојатно”. Кутриот ученик горел од нетрпение.
Кога завршил, Аџан Ча му ја пуштил раката и рекол:
– Ученику, еве како ќе се развива твојата иднина.
– Да, да? – брзо вратил ученикот, не можејќи да чека.
– А јас никогаш не грешам – додал Аџан Ча.
– Знам, знам. Па, каква ќе биде мојата иднина? – прашал ученикот, преплавен од возбуда.
– Иднината ќе ти биде неизвесна! – одговорил Аџан Ча.
И не згрешил.
Од “Отвори го срцето – И други будистички приказни за среќата”, на Аџан Брам