Специјалниот претставник на Владата на Северна Македонија во спорот со Бугарија – Владо Бучковски, ги демантира обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, дека тајно се преговара Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година, да биде дел од преговарачката рамка со ЕУ.
„Нашите позиции се кристално јасни, што се слушна деновиве од премиерот Зоран Заев и од МНР Никола Димитров во Парламентот на Советот за интеграции“, изјавил Бучковски за „Локално“.
„За жал, по којзнае кој пат, Мицкоски е генератор на лажни вести“, додава тој.
ВМРО-ДПМНЕ денеска ги почна протестите со блокади на сообраќајот во Скопје и уште 10 градови, со, како што велат, единствено барање Заев/Владата да го објават нацрт-документот за кој се преговара со Софија. Според Мицкоски, народ на улиците е единствениот начин да се спречи асимилацијата и бугаризацијата на македонскиот народ, која Заев и Бучковски, наводно, се подготвени да ја договорат.
За премиерот Заев, пак, потегот на опозицијата е сосема неразбирлив.