Можен е договор меѓу Скопје и Софија за време на француското претседателство со ЕУ, но има групи и во двете земји кои работат да не се најде компромис, вели поранешниот македонски премиер и специјален претставник во преговорите со Бугарија – Владо Бучковски, во интервју за бугарската телевизија NOVA NEWS.
„Бугарија и Северна Македонија можат да постигнат договор за време на француското претседателство со Европската унија. Климата за преговори сега е подобра. Има шанса за договор следниот месец. Постојат групи во Софија и Скопје кои работат против компромис и договор меѓу нашите две земји“, рече Бучковски.
Според него, петте руски дипломати протерани од Скопје станувале сè поагресивни во нивните обиди да го спречат договорот меѓу двете земји, како и желбата на земјава да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
Во поглед на пописот, Бучковски смета дека разликата меѓу бројот на издадени бугарски пасоши и бројот на оние кои се изјасниле како Бугари, се должи на тоа што повеќето пасоши се земени од економски причини и тие луѓе повеќе не се во државата.
„Верувам дека сите кои сакаа да се изјаснат како Бугари за време на пописот, го направија тоа“, рече Бучковски.