Бучковски: Бугарија ќе ја тргне блокадата

Во следните месеци Бугарија ќе ја тргне блокадата за почеток на преговори за членство на земјава во ЕУ, уверен е специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија – Владо Бучковски.

„Во 2021 година цели 8 месеци Бугарија немаше редовна влада. Во земјата имаше три пати парламентарни и еднаш претседателски избори. Тоа сериозно влијаеше врз нашите напори да изнајдеме заемно прифатливо решение и да биде отстранета блокадата на нашиот пат за ЕУ“, изјави Бучковски за бугарската БГНЕС.

Сепак, оценува Бучковски, и покрај „сите тие непредвидливи околности“, постигнат е напредок во градењето на довербата меѓу двете земји.

„Временската рамка за овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци, може да се скрати. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари“, изјави претходно Бучковски за „Локално“, цитира БГНЕС.

Сепак, Бучковски е категорично уверен дека наскоро годинава Бугарија ќе даде „зелено светло“.

„Во 2022 година очекувам да постигнеме заемно прифатливо решение со Бугарија. Решение кое ќе биде базирано на заемно почитување и ќе биде издржано. Бугарската блокада ќе биде крената. Започнувањето на преговори со ЕУ најпосле ќе биде реалност“, вели Бучковски.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Тој ја коментираше и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, според кого новиот бугарски премиер Кирил Петков не е храбар политичар. Бучковски не се согласува:

„Не ја прифаќам позицијата на Мицкоски. Петков зборува за заемноприфатливо решение, а не за наложено решение. Петков вели дека треба да се почитуваат и македонските црвени линии“, коментира специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија.

Во однос на промената на учебниците, Бучковски истакна дека тоа е задача на заедничката комисија за историски прашања, која треба да постигне согласност околу текстовите во учебниците.

„Нашето општество знае дека подолго време комисијата не работи успешно во однос на усогласувањето на текстовите за учебниците по историја за основно образование и за Цар Самоил“, појаснува Бучковски.

Како што пренесува БГНЕС, тој исто така додал и дека „верува дека македонската страна ги извлекла своите поуки“ од спорот со Грција за името на државата, во кој, како што оценува Бучковски, времето не било на наша страна.

За разлика од Бучковски, лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, не очекува промени во однос на европерспективата. Според него, не постои план „5+1 кој би ја тргнал блокадата“, затоа што постои Резолуцијата на бугарскиот парламент (повеќе ТУКА).

- Реклама -