Неодамна истражувачите открија нова тајна во познатото ремек дело Мона Лиза на Леонардо да Винчи. Во зениците на Мона Лиза откриени се голем број ситни броеви и букви. Силвано Винчети, претседателот на италијанскиот национален комитет за културно наследство вели дака овие бројки и букви се многу ситни и не можат да се видат со голо око. Откритието е направено со помош на најновите технолошки помагала и апарати.
Истражувачите истакнуваат дека овие бројки и букви имаат најверојатно некаква врска со “Кодот на да Винчи”, за кој говори Ден Браун во својот бетселер, а потрагата по оваа откритие била иницирана од еден член на комитетот кој пронашол стара книга во антикварница посветена на симболите во очите на Мона Лиза.
– Во десното око се испишани буквите LV, кои би можеле да го означуваат неговото име Леонардо да Винчи, додека во левото око има симболи што не се јасно дефинирани. Тешко е да се забележи, но личат на буквите ЦЕ, или можеби на буквата B. Во лакот на мостот во заднината може да се види бројот 72, но тоа може да биде и буквата L и бројот 2. Воопшто не е чудно што не може добро да се види, бидејќи делото е насликано пред речиси 500 години, така што сликата не е толку јасна и остра како кога била насликана. Од прелиминарните анализи што ги спроведовме, уверени сме дека не станува збор за грешка и дека симболите биле поставени таму од уметникот – вели Силвано Винчети.
Истражувачите се убедени дека овие минијатурни бројки и букви содржат некаква порака. Кон вистинитоста на оваа тврдење оди во прилог и фактот што големиот гениј , оваа слика ја носел постојано со себе во последните години од својот живот.
Инаку Силвано Винчети е член на групата која бара есхумација на Леонардо да Винчи кој е погребан во гробница која се наоѓа во замокот Амбои во долината на Лоара. Тие сакаат да видат дали е таму закопан и неговиот череп за да се обидат да го откријат неговиот вистински лик и да утврдат дали Мона Лиза, е всушност еден вид автопортрет на овој гениј.