Овој катамаран е најголемиот брод на сончев погон на Земјата. Неодамна, бродот успешно ја заврши првата етапа од неговото патување околу светот. Откако на 27 септември тргна од Монако, катамаранот на 28 ноември пристигнал во Мајами.
Катамаранот е долг 31 метар и широк 15 метри, и функционира исклучиво на обновлива енергија. Соларните панели на овој брод имаат степен на ефикасност од 22 проценти и се во моментов најефикасните комерцијално достапни соларни келии. Енергијата која се создава во соларните панели ги напојува двата електрични мотори кои на бродот му даваат максимална брзина од 14 чворови (26 километри на час). Соларните панели имаат површина од 500 метри квадратни што му овозможува на катамаранот да патува до 72 часа дури и во ситуации кога нема директна сончева светлина – вишокот создадена електрична енергија се складира во врвни литиум-јонски батерии.