Лондон, 28 април 2022 (МИА) – По вчерашната изјава на британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, која нагласи дека руските сили треба да бидат протерани од цела Украина, поранешниот заменик-командант на НАТО за Европа – генералот Ричард Ширеф, денеска истакна дека тоа е „апсолутно правилен пристап“.
„Таквиот пристап треба да биде проследен со значајни ресурси и тоа да се направи преку целиот сојуз, како целина“, изјави Ширеф за „Радио 4“ на сервисот на Би-Би-Си.
Поранешниот воен командант предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да реагира агресивно, но смета дека ескалацијата е потребна за да се демонстрира сериозноста на Западот.
„Најлошото што може да се случи е војна со Русија, но подготовките за најлошото сценарио веројатно би можеле да го одвратат Путин, бидејќи на крајот на краиштата тој почитува само сила“, изјави Ширеф.